Главниот уредник на телевизија Алсат М, Мухамед Зекири, со колумна реагираше на нападите од ДУИ за „тенденциозно лажење за една инцијатива од национален интерес“ за веста дека албанската партија планира да отвори нов универзитет на албански јазик. Зекири вели дека „навикнати сме да го слушаме национално-патриотскиот фолклор на политичките партии од албанскиот блок секогаш кога ќе застранат, кога ќе ги погазат принципите и сето тоа што го ветувале на народот и на сопственото гласачко тело.“
-Албанците несомнено имаат потреба од универзитет; со крв се изборија за него во 1994-та година, но прашањето е дали посакуваа универзитет во каков што вие успеавте да го претворите? – Во партиски универзитет, во универзитет каде во преден план се личните интереси на одредени луѓе блиски до вас и каде квалитетот и стандардите немаат никаква употребна вредност, пишува Зекири.
Тој додава дека Државниот универзитет во Тетово ДУИ го претворила во фабрика за дипломи на своите милитанти.
-Го претворивте во фабрика која вашите милитанти ќе ги обезбеди со лист диплома за утре вие да ги вработите, а тие да си седат дома и кога ќе дојде времето послушно да гласаат, да убиваат или да умираат за вас. – Вакви универзитети не ни се потребни, почитувани!, дециден е уредникот на Алсат М.
Тој вели дека забележува тенденција информацијата што ја објави Алсат да се толкува како тие да биле против Албанците од Скопје.
-Не, почитувани, Скопјани заслужуваат повеќе од универзитет. Заслужуваат да бидат достоинствено застапувани од нивните политички субјекти и со нивните седишта да дојдат овде, во главниот град, наместо да седат по селата, пишува Зекири.