Владата го укинува Законот за хонорарци

by Фокус

По седум месеци од донесувањето, Владата на синоќешната седница одлучи од први август да го укине спорниот закон со кој сите хонорарци мораа да плаќаат придонеси за здравствено и за пензиско осигурување. Оваа одлука по експресна постапка, денеска се најде на дневен ред во Собранието.

Според министерот за финансии, Зоран Ставрески, Законот се укинува, бидејќи приходите од неговата примена биле само 4 милиони евра годишно и Владата нашла други мерки коишто овозможиле да се решат дел од прашањата што биле причина за носење на овој закон.

-Тоа е решението што ќе важи од 1 август и сите уплати што ќе бидат направени после 1 август значи немаат обврска да пресметуваат и уплаќаат придонеси за авторските договори. И натаму останува обврската за персонален данок, рече Ставрески.

Тој негира дека укинувањето на овој закон поради кои имаше и масовни протести, е поврзано со претстојните избори и политичката криза.

-Отворени сме и во овој случај покажуваме дека сме отворени и имаме слух за јавноста кога одредена ситуација создава незадоволство кај поголем број на лица, тврдеше министерот Ставрески.

Законот за хонорарци стапи на сила на први јануари годинава. Претходно, имаше масовни протести организирани од граѓански и синдикални организации, кои тврдеа дека овие давачки ќе бидат дополнителен удар врз стандардот на граѓаните. Само еден месец по стапувањето на сила, Законот за хонорарци претрпе измени, а сега Владата целосно го укинува.

 

Поврзани новости