Генералниот секртер на СДСМ, Миле Зечевиќ, вечерва од трибината „Силно и одлучно кон иднината“, порача дека СДСМ нема да прави компромис за иднината.
-Наместо да лелекаме над судбината, сами да ја креираме. Заедно, со кренати глави, горди, достоинствени и обединети да го креираме современиот наратив на новата европска Република. Ние го одбравме патот на просперитетот, на иднината, на Европска Македонија во европското семејство. Рамноправна, достоинствена, силна, рамо до рамо со сите национални обележја за коишто мечтаеле генерации и генерации Македонци – порача Зечевиќ.
На овој наш пат, додаде има пречки кои често изгледаат непремостливи, најчесто, како што вели, на штета на партискиот рејтинг.
-Не беше воопшто лесно. Нема да биде лесно и понатаму. И нема да печалиме дневнополитички поени. Ние тоа го знаеме и никогаш не калкулираме! Но, нема да има компромис за иднината! Како булдожер ќе го прегазиме секој кој што ќе се попречи на тој пат – порача Зечевиќ.
Според него, борбата на сегашните македонски генерации е политичка борба за интеграција на нашиот уникатен македонски идентитет во европскиот.
-Ова е времето кога ја зокружуваме државноста со нејзино издигнување на повисоко ниво, целосно етаблирана на светската мапа на суверени држави, рамноправна како нераскинлив дел од европското семејство! Ние имаме голема патриотска должност – да ги детерминираме и да ги поставиме новите магистрали, новите столбови врз коишто ќе почива иднината на Европска Македонија. Тоа е новото време и новата реалност – рече Зечевиќ.