Здружението на медицински сестри: Ризик е да се ангажираат учениците од средномедицинските училишта во ковид центрите

by fokus

Унијата на ЗМСТАС предводена од Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „За нас“ преку соопштение реагира на последната изјава и предлог-идеја на министерот за здравство Венко Филипче за можно ангажирање на учениците од четврта година од средномедицинските училишта во ковид центрите како помош на медицинскиот кадар.

– Ваквата идеја не е безбедна за учениците. Во еден ваков период кога се носат мерки за зачувување на здравјето на учениците и се препорачува он-лајн настава со цел да се намали трансмисијата во училишните клупи не е соодветна идејата малолетни ученици и недоусовршен кадар од средномедицинските училишта да биде впуштен директно во најголемите жаришта на оваа пандемија. Ние, професионалците од сестринската професија сметаме дека ризикот е многу голем, стои во реакцијата на Унијата.

Во една за нас исклучително тешка ситуација со две медицински сестри на 30 пациенти, ангажман на учениците како помош дополнително, нагласуваат од Унијата, би ги отежнало работите, пред се ризикот и нивната безбедност, и нашата одговорност за нив кои треба да учат – практицираат, а ние треба да ги менторираме.

– Учениците ако се заразат можеби ќе поминат асиптоматски, но што е со нивните најблиски? Ако е ова решение недовршени кадри да не надополнуваат ги имаме четирите високо образовни институции за идните дипломирани медицински сестри кои барем се полнолетни, додаваат од извршниот одбор на Унијата.

Поврзани новости