Здружението на информатичко-комуникациски технологии реагира на изјавата на министерот Дамјан Манчевски и велат дека тие не сакаат да ги исклучат ТВ каналите, туку напротив, ги направиле сите потребни чекори за да не дојде до таква ситуација.
-Но, измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ЗААВМУ) за нас претставуваат акт на јавна власт, кој има ефект на ситуација на Виша сила и го оневозможува нашето нормално работење. Ние како и досега докажавме дека сме спремни за дијалог со сите засегнати страни. Но, за жал нашите укажувања за неприменливоста на овие измени не завршија со конструктивно решение. Напротив, Измените на ЗААВМУ беа донесени по брза и нетранспарента постапка на последната седница на Собранието пред неговото распуштање. Не вродија со плод ниту укажувањата од Европската комисија дека ваквите измени се спротивни на ЕУ директивите и дека вакво законско решение не постои во ниту една земја членка на ЕУ.
Нема потреба од дополнително регулирање на авторските права , бидејќи истите се веќе регулирани со друг закон. Заштитата на авторските права се врши преку суд, при што оној чие право е повредено треба да го заштити своето право на суд, но против оној кој го прекршил тоа право, а не против тој што само технички ја реемитува програмата, со регулирани права за реемитување. Измените на ЗААВМУ што сега се на сила се целосно непримелниви, бидејќи на операторите кои реемитуваат програмски содржини им наметнува да гарантираат за авторските права на програми што не ги произведуваат, а за тоа да сносат кривична одговорност. Ваквата ситуација создава дополнителна конфузија во целата област, бидејќи воведува одговорност на операторите за туѓи дејствија, што е правно целосно неиздржано, велат од Здружението.
Додаваат дека за операторите, ваквата одговорност која им се наметнува е апсурдна.
-Дополнително сметаме дека Измените на ЗААВМУ се и спротивни на Уставот, поради што и поднесовме Иницијатива до Уставниот суд за носење на времена мерка со што очекуваме примената на овој закон да биде суспендирана, се додека Уставниот суд не донесе одлука за поништување на овие неуставни измени на Законот. Уште еднаш потенцираме дека ние како и досега сме подготвени за средба и за изнаоѓање на решение на оваа ситуација, која им нанесува штети на сите страни, а најмногу на корисниците, стои во соопштението.