Здружението „Богојавление“ се откажа од организација на Водици во Охрид

by Фокус

Здружението „Богојавление“, кое десеттина година ја организираше манифестацијата со фрлање на крстот за празникот Водици во Охрид, годинава се откажа и организацијата и ја врати на Македонската православна црква. Причина за откажување од организација на овој настан, како што соопштуваа од здружението, е тоа што манифестацијата и организациски и финансиски ги надминувала можностите на здружението, оттаму што истата од локален, прерасна најпрво во национален, а потоа и во меѓународен настан.

-Ваквиот став е донесен во консултација со членовите на Управниот одбор на здружението. Водици е голем православен празник кој припаѓа на црквата и градот. Ние како здружение изразуваме подготвеност да помогнеме, но повеќе не сме во можност да ја организираме оваа манифестација, се вели во соопштението од здружението „Богојавление“.

Од здружението очекуваат традицијата која го афирмира празникот, христијанските вредности, но и градот Охрид, да продолжи и натаму, да расте и да се збогатува, согласно православните и обичаите на нашата црква.

– Сметаме дека збогатувањето на празникот со манифестации како одбележувањето на Денот на рибарите, подготвувањето на рибна чорба, организацијата на уметничка програма, како и на хуманитарните активности за поддршка на социјално загрозени семејства и ранливите категории граѓани од страна на здружението и на кумовите на Водици, придонесе за афирмација на позитивните вредности на градот, велаат од „Богојавление“.

Поврзани новости