Здружението на судиите не ги оправдува евентуалните пропусти на колегите судии, но смета дека истите треба правилно да се утврдат и да се определи нивниот карактер, односно дали се тие од кривично – правен аспект или од друг вид поврзани со вршењето на судиската функција согласно Законот за судовите, Законот за Судски совет и Кодексот на судиска етика за судиите на Република Македонија“- наведува во своето соопштение, Здружението на судии, по одржаната седница.
Во таа насока апелираат да се почитува законот при спроведувањето на постапката за евентуалната нивна одоговорност, а особено одредбите кои се однесуваат на законски дефинираните права и обврски, се со цел да се обезбеди владеење на правото и почитување на принципот на правната сигурност вклучувајќи и почитувањето на дигнитетот и интегритетот на судиите во вршењето на судската функција.
Од Здружението повикуваат судскиот процес да се одвива коректно и фер и предвид да бидат земени условите во кои функционирале судиите.
– Одговорноста на судиите не може да се гледа и процесуира надвор од оценката за објективните услови во кои тие работеле и постоечкиот начин на организацијата на работата во судот. Ниеден од приведените судии кои со одлука на Судскиот совет сега се веќе и привремено одалечени од вршењето на судиската функција, се нема обратено до Здружението во врска со настанот, а посебно не за начинот на кои се приведени – завршува соопштенито на Здружението.
Ова ја отвора дилемата во какви услови работеле судиите, дали нивниот број бил доволен? Ако се уште не е утврдено дека наплатувале парични награди за да ги застаруваат предметите од извршување, тогаш дали е можно нивните фиоки да биле пренатрупани со предмети кои заглавувале неотворени.
Информации на „Фокус“ велат дека истрагата за судиите ќе трае подолго. Ќе мора да се прелиста секој предмет на секој судија одделно, за да се пронајдат пропустите. Врз несовесното постапување на судиите не влијаеле само условите за работа, туку и бројот на предметите, времетраењето на постапките, роковите за застарување и други обејктивни причини. Ваквите аргументи ги користат некои од судиите во одбраната.
Инаку, приведените судски работници се дома со забрана да го напуштаат живеалиштето и да се приближат до работните простории. Таму сега се собираат докази со кои Јавното обвинителство ќе тврди дека судиите постапувале несовесно во службата.