Една третина од населението во Македонија не знае што е корупција, а исто толку граѓани би дале поткуп, противуслуга или подарок за да дојдат побрзо до лекар, вработување или да им се прости некоја казна. Само 12 отсто од граѓаните се подготвени да пријават корупција, а дури 73,5 отсто од Македонците би помогнале во пријавувањето и расчистувањето на коруптивен случај.
Ова се дел од податоците од истражувањето на Државната комисија за спречување корупција направено за потребите на проектот „Поддршка за ефикасносна превенцијаи борба против корупцијата“, што се реализира со германско партнерство.
– Интересно е тоа што граѓаните кога би пријавиле корупција тоа би го направиле во полицијата, иако ја сметаат за корумпирана (таа е 4-та најкорумпирана институција). Покрај полицијата на врвот на корумпираните институции граѓаните ги посочуваат и судовите (на втората позиција), кои се најзначајните институции кои треба да се справат со корупцијата во државата. Тоа пак треба да биде полето каде што во иднина државата ќе треба да се насочи и да ја подобри борбата против оваапојава – вели проект менаџерот Мирјана Димовска.
Со првото место, како најкорумпирано, се „закити“ здравството, односно граѓаните одговориле дека најмногу корупција има во здравството, зад кое се судовите, образованието и полицијата.
Истражувањето покажува и дека повеќе од половината граѓани 60 отсто сметаат дека корупцијата е силно раширена во земјава, а дури 90 отсто од нив сметаат дека таа се реализира преку давање пари, додека подарокот и давањето противуслуга не го доживуваат како корупција. За 60 отсто од анкетираните граѓани не е корупција ако дадат подарок и противуслуга за дадена услуга.
– Загрижувачки е тоа што во оваа категорија се и младите од 18 до 29 години.Тие противуслугата и подарокот не го сметаат како корупција и отворено изразуваат подготвеност дека би ја практикувале доколку имаат потреба од такво нешто. Што се потврдува и со фактот дека голем процент од граѓаните се помирува со ваквиот начин на функционирање на институциите и ја прифаќа корупцијата како начин на добивање услуги – вели Димовска.
Анкетата е направена на почетокот на декември лани со 1.080 испитаници во осум региони и 80 општини и треба да послужи за детектирање на слабостите во водењето на антикорупциската политика.
Проектот „Поддршка за ефикасносна превенцијаи борба против корупцијата“ што се реализира со германско партнерство е финасиран од Европската унија со 1,4 милиони евра и треба да ги засили антикорупциските политики и да се постигне добро владеење на правото.