Државниот испит за студентите се одложува за една година

by Fokus

За една година се одложува државниот испит за студентите, односно наместо да почне да се применува од 2017, се одложува за 2018 година, а за две години се одложуваат и спорните законски измени за виското образование. Ова било договорно на денешната средба на претставници од Студентскиот и професорскиот пленум со владини претставници, која предмалку заврши во Владата.

Ректорот на УКИМ, Велимир Стојковски, по средбата истакна дека е задоволен од ваквата одлука бидејќи спорните законски измени се стават во мирување, односно да имаат одложена примена.

– Во меѓувреме и Министерството за образование и наука и Универзитетот ќе бидат отворени и ќе пристапат кон една сеопфатна анализа. Битно е да се направи еден добар текст, без оглед како тој ќе се нарече кој што ќе биде прифатлив за сите, ќе биде квалитетен и ќе биде компитабилен со европските критериуми во високото образование – истакна Стојковски.

Студентите тврдат дека тие остануваат на ставот дека овие законски измени треба да се укинат, но како што посочија, и ова е чекор напред.

– Во периодот ќе градиме аргументи дека треба целосно да се укине државниот испит. За сега сме отворени за дискусија околу законот, изјави Константин Битраков од Студентскиот Пленум.

Прашањето за окупација на Универзитетот останува се уште отворено, бидејќи како што посочија студентите, тие не можат да одговорат во име на нивните колеги.

Подоцна, на адреса на сите медиуми стигна соопштение од Професорскиот пленум, но нивните преставници беа единствени што не дадоа изјава во Влада. Една од  професорките дури се консултираше со ректорот дали да дадат изјава или да си молчат.

Поврзани новости