Од Министерството за здравство известија дека по извршената посета на Прифатниот центар за мигранти во Гази Баба, од страна на тимот доктори-специјалисти по инфектологија и дерматовенерологија, констатирано било дека кај мигрантите во центарот нема појава на кожни или инфективни заболувања.
– Лицата кај кои во изминатиот период имало појава на шуга или вошливост, се соодветно третирани со потребната медицинска терапија (медицински препарати, креми, шампони), и на тој начин е спречено ширење на овие заболувања во епидемиски размери, се вели во соопштението на МЗ.
Оттаму велат, во Прифатниот центар постојано била присутна екипа од доктор и медицинска сестра ангажирани од Црвениот крст, кои се снабдени со потребната медицинска терапија и лекови, и континуирано ја следеле здравствената состојба на лицата во центарот.
– Доколку има потреба од медицинска интервенција на повисоко ниво, истите се транспортираат до соодветната здравствена установа. Превентивно, денеска во Прифатниот центар се врши дезинфекција, дезинсекција и дератизација од страна на екипа на Центарот за јавно здравје – Скопје, се вели во соопштението.