Во Црна Гора од синоќа стапија на сила поостри мерки против пандемијата.
Претседателот на Лекарската комора, Александар Мугоша, вели дека стравува дека мерките се задоцнети и дека на здравствениот систем му се заканува колапс.
-Досега 215 заразени и болни лекари се обратиле до Лекарската комора за помош, рече Мугоша и додаде дека за жал изгубиле неколку лекари.
Тој апелираше до владата и министерствата за здравство и финансии да најдат модел за помош на лекарите и медицинскиот персонал во тие моменти.
-Одговорно тврдам дека масовните собири се најголемата причина за зголемениот број на заразени, болни и за жал мртви граѓани на Црна Гора, рече Мугоша, пренесува порталот РТЦГ.
Според него, епидемиолошката криза го загрозува здравјето на нацијата, бидејќи голем број граѓани кои страдаат од други болести не можат соодветно да се лекуваат.
-Падот на здравствениот систем е моментот кога нема да можеме да им помогнеме на сите, дури и на најзагрозените. Математиката е јасна, ако продолжиме со оваа динамика, епилогот ќе биде познат, а граѓаните мора да знаат дека бројот на заразени лица директно привлекува поголем број на заразени лекари и медицински персонал, рече Мугоша, како гостин во утринската програма ТВЦГ.
Тој посочи дека пристапот до јавното здравство е тежок за голем број граѓани, па затоа се принудени да одат во приватни болници, што не е достапно за многу граѓани поради лошите финансиски состојби.
Тој исто така предупреди дека оние што организираат собири треба да го имаат тоа на ум.
Тој потсети дека во Црна Гора има 50.000 пациенти со дијабетес, и, како што вели, има и онколошки пациенти кои не можат да живеат без терапија, како и кардиоваскуларни пациенти.