Здрави и вработени лица добивале уверенија дека се болни и немоќни, за да можат да гласаат во домашни услови, еден ден пред изборите.
Од МВР за повеќе медиуми веќе потврдија дека по анонимна пријава, отвориле случај и го проверуваат овие злоупотреби.
Неофицијално, има сомненија дека докторка од „Геронтолошкиот завод 13 ноември“ во Ѓорче Петров издала 58 специјалистички упати и супспецијалистички извештаи за 29 лица како неподвижни иако истрагата на терен покажала дека некои од нив одат и на работа.
Роднините на „неподвижните” ги доставиле овие уверенија до Државната изборна комисија, каде прво биле прифатени, но откако се информираа за случајот, Општинската изборна комисија Ѓорче Петров повторно ќе ги отвори лекарските извештаи за наводна болест и изнемоштеност на овие гласачи.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека постапуваат по оваа информација, но и по други слични случаи во Скопје но и во другите општини за кои постојат сериозни индиции за злоупотреби.