Гласањето беше пресудно за изборот на судиите во Апелацискиот суд, вели за „Фокус“, претседателот на Судскиот совет, Киро Здравев за вчерашниот избор на шестмина судии во Апелацискиот суд кои иако не беа меѓу прворангираните кандидати го добија потребното двотретинско мнозинство во Судскиот совет.
– Сите кандидати беа квалитетни, но беа избрани кандидатите кои добија потребен број на гласови. Ние не навлегуваме во тоа какви предмети суделе судиите затоа што ќе навлеземе во некој субјективизам.Секој член гласаше по сопствено убедување, вели Здравев.
Ова е последен избор на судии според стариот Закон за судски совет бидејќи огласот беше распишан пред повеќе од една година кога се уште беше во сила стариот Закон. Другите избори на судии ќе бидат според новиот закон и за избор на судија ќе бидат потребни осум гласа од членовите на Судскиот совет со други правилници, критериуми, бодување, формирање на комисии.
Судскиот совет на вчерашната седница конечно избра шестмина судии кои ќе треба да го пополнат кусокот на судии во второстепениот суд.
За во Кривичниот оддел во Апелацискиот суд избрани се судиите од Лидија Зимбовска, која му пресуди на бизнисменот Сеад Кочан во случајот “Труст“ и судијата Ѓоко Ристов кој го водеше првото судење за случајот „Шпион“, го водеше случајот „Метастаза“, судењето за градончалникот на Шутка, Курот Дудуш кој доби условна казна и случајот „Тотал“ во кој е обвинет новинарот, Драган Павловиќ-Латас.
Зимбовска била десетторангирана, а Ристов бил на 14-то место, но сите пред нив не го добиле потребното двотретинско. Пред нив на листа биле судиите Ивица Стефановски кој беше потпретседател на Кривичниот суд во времето на Владимир Панчевски, судијата Огнен Ставрев кој води неколку случаи на СЈО, судијката Оља Ристова и судијката Александра Ристевска. Пред нив рангирани биле и судии од други судови како Габриела Гајдова од Велес и претседател на судот во Кавадарци Лазар Нанев.
Од немнозинската листа за судија кривичар во Апелација беше избран Јусуф Ајрулахи, а судијата Осман Шабани кој заедно со Ставрев е во судечкиот совет во предметите „ТНТ“, „Титаник“, „Монструм“ не го доби потребното мнозинство.
За граѓански судии беа избрани Виолета Поповска и Аритон Ала, а за во стопанскиот оддел е избрана Цветанка Ташева.