Со завршни зборови на одбраната, денеска во Основниот кривичен суд во Скопје денеска треба да продолжи судењето за автобуската несреќа кај селото Ласкарци, во која животот го загубија 16 лица, а над 30 беа повредени.
Како што е најавено, завршен збор треба да даде одбраната на четвртообвинетиот, Горан Дуковски, петтообвинетиот, Јане Боварски, и шестообвинетиот Маноил Трифуновски.
На минатото рочиште, завршни зборови даваа бранителите на второобвинетиот Ремзи Мифтари и третообвинетиот Игор Ѓорѓиевски.
Завршни зборови на изминатата расправа даде јавниот обвинител, Дарко Јакимовски, но и бранителите на првообвинетиот, сопственик на „Дурмо Турс“, Дурмиш Белули.
Јакимовски побара најстрога казна за обвинетите за автобуската несреќа што се случи во 2019 година кај Ласкарци. Според него, кај сите обвинети постоела безобѕирност во постапувањето и било прашање на време само по која основа, како што рече „хаосот на работењето може да резултира со вакви или слични последици“.
Најстрога казна тогаш побараа и оштетени, родители и роднини на загинати во сообраќајната несреќа.