Најуспешно реализирано архитектонско дело во 2023 година е Изложбено-дистрибутивен центар со магацин Балканија, Визбегово, Скопје

by Fokus

Претседателот Стево Пендаровски вчеравечер ја врачи Големата годишна награда за архитектура за најуспешно реализирано архитектонско дело во 2023 година на авторите Миа Шириќ, Дејан Секуловски, Илија Божиновски и соработниците Саше Нешиќ и Катина Сутоглу од Студио Синдикат за проектот Изложбено-дистрибутивен центар со магацин Балканија, Визбегово – Скопје.

Големата годишна награда ја доделува Асоцијацијата на архитекти на Македонија, под покровителство на претседателот Пендаровски.

„Идеите го наоѓаат својот пат до целта, затоа што тешко се сопира творечкиот порив на архитектите како вонвременски творци и неимари. Од разговорите со авторите и гостите, понови и постари генерации архитекти, професори и студенти, за време на настанот кој го споменав, недвосмислен беше впечатокот дека имаме огромен потенцијал кој не смее да остане маргинализиран“ рече претседателот Пендаровски во обраќањето на свеченоста.

Тој порача дека „со доделувањето на Големата годишна награда, каде што се презентираат највредните архитектонските остварувања во тековната година, како и со своите останати активности, Асоцијацијата на архитекти придонесува за промоција на македонската архитектура и за соодветно, јавно вреднување на дострелите на македонските архитекти“.

„Живееме во комплексни времиња на простор каде што не е лесно да се твори, имајќи предвид дека архитектите чувствуваат притисок од инвеститорите, за жал, некогаш и од носителите на јавни функции, а модерната, бескрупулозна трка за профит го игнорира естетското и хуманото. Во опкружување каде што предност добива инстантното и каде што доминира кичот, предизвикот да се направи успешно и естетско издржано дело кое ќе го издржи тестот на времето е уште потежок“ порача Пендаровски.

Поврзани новости