Заврши Тиквешкиот гроздобер 2016: СО ДОБРА МУЗИКА, ЛОЗАРИТЕ ЗАБОРАВИЈА НА МАКИТЕ

by fokus 11:21
11:21

Вчера во Кавадарци заврши педесетивторото издание на традиционалниот Тиквешки гроздобер, настан кој што го означува почетокот на бербата на грозјето и е посветен на лозарите. Манифестацијата привлече голем број на посетители, па и покрај тоа што лозарите го изразуваа своето незадоволство од ниските откупни цени на грозјето и неговата исплата за шест месеци, на рати, масовно излегоа и се забавуваа со музичките гости.

thumbnail_tikveski karneval 2014Во петокот концерт пред лозарите имаше рокерот Бора Ѓорѓевиќ од ,,Рибља чорба,, додека пак во саботата, пред десетици илјади публика настапи Аки Ракимовски со својот матичен бенд ,,Парни ваљак,,. Со неговите хитовски композиции лозарите како да заборавија на својата мака, па откако по два часа заврши со концертот и се повлече позади сцената, тие останаа, и десеттина минути го скандираа неговото име, по што тој се врати на бис и отпеа уште две песни. Публиката беше воодушевена од неговата енергија на сцената и можеа да се слушнат само пофалби за настапот на шеесетиедногодишниот музичар. Освен во концертите, кавадарчани уживаа и во ,,Винскиот карневал,, каде што нивните сограѓани Ивана Малкиќ и Александар Маринковиќ беа избрани за нови вински кралица и крал. Организатор на манифестацијата е Општина Кавадарци, а пак за настапите на музичките гости беше задолжен Кристијан Стефановски и ,,План Б,, продукција.

thumbnail_Kavadarci-gerila-akcija1Разните апели на социјалните мрежи од граѓански активисти од ,,Кавадарци протестира,, да се бојкотира настанот поради тоа што лозарите не се задоволни од откупните цени и едвам можат да си ги покријат трошоците, паднаа во вода, па понесени од добрата музика, лозарите како да заборавија на беспарицата. Помеѓу насобраниот народ се појавија транспаренти на кои што беше испишано ,,Што вие славите сега,, и во герила акција беше истакнат транспарент на кој што пишуваше ,,Имате пари за Панорамско тркало, а немате за лозарите,, но поминаа без реакции од толпата, и забавата продолжи.

Како мало потсетување, оваа година смедеревката се откупува по цена од 11 денари, а пак картошијата по цена од 13 денари, а лозарите парите ќе ги добијат за шест месеци, на три рати. Оние кои што сакаат грозјето да им биде платено во рок од една недела, го предаваат по цена за еден денар пониска од предвидената. Од повеќето винарии во тиквешијата велат дека речиси сите лозари се одлучиле за втората варијанта, да го предадат грозјето по пониска цена и побргу да ги добијат парите.

Вики Клинчарова

 

Поврзани новости