Заврши состанокот на НАТО: Членките мора да одвојуваат повеќе пари за одбраната

by fokus

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг по завршувањето на дводневниот министерки состанок соопшти дека министрите за одбрана донеле одлуки за дополнително зајакнување на одвраќањето и одбраната на Алијансата, што вклучува одобрување на нови упатства за одбранбеното планирање на НАТО.

Ова ја одразува реалноста дека живееме во поопасен свет. Со агресивното однесување на Русија, постојаната закана од тероризам и предизвиците поставени од Кина. Тоа ќе ги поттикне промените на способностите во годините што доаѓаат. И треба да се погрижиме нашето одвраќање и одбрана да останат силни, рече Столтенберг.

Министрите, исто така, се осврнале на начините за зајакнување на индустрискиот капацитет и надополнување на залихите на вооружување и муниција, кои се во поголема побарувачка од кога било, со оглед на огромната поддршка на сојузниците за Украина.

Мерките ја вклучуваат потребата за зајакнување на индустрискиот капацитет и тесна соработка со индустријата, како и прегледување на целите за капацитетите на НАТО за резервите на муниција. Сојузниците се согласуваат за потребата да работат рака под рака со одбранбената индустрија за да го зголемат индустрискиот капацитет и веќе ги разгледуваат целите за капацитет на НАТО за резервите на муниција.

Надоврзувајќи се на мерките за заштита на критичната подморска инфраструктура, Столтенберг најави формирање на тело за координација на критичната подморска инфраструктура во седиштето на НАТО.

Тоа ќе го олесни ангажманот со индустријата и ќе ги собере клучните воени и цивилни чинители заедно, рече тој.

Министрите, исто така, разговарале за важноста да се инвестира повеќе во одбраната, како и идните обврски по 2024 година. Ставот е дека трендот на зголемување на одвоените средства за одбрана мора да продолжи да расте.

Додека продолжуваме да ја прилагодуваме нашата Алијанса, треба да ги имаме вистинските ресурси.
Министрите разговараа и за важноста на инвестирањето во одбраната. Повеќе земји сега трошат најмалку 2% од својот БДП за одбрана. И 2022 година беше осма последователна година на зголемени трошоци за одбрана од страна на европските сојузници и Канада. Со дополнителна инвестиција од 350 милијарди долари. Овој тренд се очекува да продолжи и оваа година. Но, треба да се направи повеќе. Така, денеска, сојузниците разговараа за тоа како да се надоврзат на ветувањата за одбранбени инвестиции и идните обврски по 2024 година.
Лидерите на НАТО ќе донесат одлуки за ова на нашиот следен Самит во Вилнус, рече Столтенберг.

Украинскиот министер за одбрана Резников вчера ги информирал министрите за ситуацијата на бојното поле, како и за ургентните потреби кои Украина ги има во моментов, а тоа се тешко вооружување и муниција.

Столтенберг истака дека сега Украина има можност за напредок и брзината на дејствување е важна.

Освен за помошта за Украина, министрите разговарале и за зајакнување на одвраќањето и одбраната на Алијансата, а НАТО веќе се приспособува на моменталната ситуација која е поопасна од порано.

Министрите ги адресираа и потребите за зголемување на воените индустриски капацитети. Помошта за Украина подразбира и енормно трошење на муницијата. Подготвени сме и разгледуваме опции за зголемување на резервите во муниција. Денеска министрите ја адресиираа и важноста за зајакнување на одбраната на подводната инфраструктура, рече Столтенберг.

Генералниот секретар рече дека САД и Франција веќе потпишале договори со индустријата за зголемување на производството на муниција, исто како и Германија и Норвершка, што значи дека производството почнало да се зголемува. Но, потребно е уште поголемо зголемување.

На прашањето дали е загрижен дека Украина може да остане без муниција, Столтенберг рече дека во таа насока преземале мерки и повтори дека производството веќе се зголемува.

На овој министерски состанок Македонија ја претставуваше македонскиот амбасадор во НАТО, Дане Талески, бидејќи министерката Славјанка Петровска беше спречена да присуствува од лични причини.

За „Фокус“ од Брисел
Катерина Смилева Божиновска

 

Поврзани новости