Заврши седницата на Економскиот совет: Конкретни мерки нема

by fokus

Денешната седница на владиниот Економски совет не заврши со конкретни мерки за помош на стопанството и граѓаните, иако стопанствениците и дадоа на владата рок до денеска да се донесат антикризни мерки, со предупредување дека многу компании ќе бидат затворени.

Владата само ги слушнала предлозите на експертите и барањата на бизнис- заедницата. Пред почетокот на седницата на Економскиот совет на која, покрај економскиот тим на Владата, присуствуваа и претставници на коморите, на синдикатот, на бизнис-секторот, универзитетски професори и академици од МАНУ, бизнисот ѝ порача на Владата дека нема време за чекање и оти мора итно да се дејствува, синдикатите побараа зголемување на платите бидејќи работниците трпат удар од кризата, а со мерките да се заштитат најранливите категории – сугерираат професорите.

Од коморите предупредија дека сметките за струја се зголемени и за шест пати и се во многу тешка состојба, која очекуваат да ескалира со отпуштање работници, намалување на производството и со клуч на врата во следните два месеца, кога ќе се склучуваат договорите за снабдување со струја за наредната година.

Сојузот на синдикати на денешната седница предложил неколку мерки до Владата. Како што рече првиот синдикалец, Дарко Димовски, не е време за печалење, туку за преживување.

-Платите да го следат порастот на инфлацијата и на пазарната кошничка. Да има доследна примена на колективните договори за усогласување на платите согласно порастот на инфлацијата, да се прошират антикризните мерки со замрзнување на маржата кај досега определените продукти, да се воведе платежна картичка за домашни производи за загрозени категории на граѓани, како и бесплатен градски превоз до и од работа за ранливите категории, рече Димовски.

Како што информираа од Владата, на состанокот биле разгледани сите опции за снабдување со електрична енергија од домашно производство, како и модалитетите за поддршка на стопанството и граѓаните на кои тоа им е потребно. Во таа насока било истакнато зголемувањето на производството на електрична енергија од АД ЕСМ за 25%, како и напорите да се обезбеди електрична енергија со пониска берзанска цена за што веќе се водат преговори со неколку земји. Овие напори продолжуваат и во наредните денови, сè со цел помош на компаниите кои се на отворениот пазар да добијат струја која е поповолна од берзанската цена, истакнуваат од Владата.

Во рамки на заложбите за обезбедување електрична енергија од сопствени извори беа разгледани модалитетите за вклучување на електраната ТЕТО во „Б режим“, пришто нејзиното производство би било понудено на приватниот сектор по фиксна цена, согласно движењето на берзанските цени на гас.

Следната среда советот ќе заседава и се очекува да донесе конкретни мерки.

Поврзани новости