Како Тоше ја доби „Игри без граници” која Рус ја чуваше за себе: Ја испеа подобро отколку што јас ја напишав!

by fokus

Вечерва со почеток од 19 часот во Крушево, на платото пред Гумење ќе се одржи концерт во спомен на легендарниот Тоше Проески, односно во спомен на неговиот последен концерт кој се одржа во Скопје на денешен ден пред 15 години.

Тогаш Тоше го започна концертот со хитот ,,Игри без граници” песна која и денес при слушање предизвикува морници. Околу тоа како Тоше ја доби песната чиј автор е композиторот Мирослав Рус, а која тој ја напишал за себе, долго пред да го запознае Проески, раскажа во ТВ интервју за хрватски медиум за емисијата ,,Моја пјесма” пред неколку години.

-Се сретнав со Никша Братош, седевме во кафуле, и му реков дека имам една песна која никому не ја давам. Сам ќе ја пеам, па дури и да ја упропастам. Од него барав да ми направи аранжман. Беше тоа песната ,,Игри без граници”.
По некое време се возевме со Тоше во автомобил и тој ме прашува дали навистина сум имал песни кои ги чувам само за себе. Посака да ги слушне. Му реков дека тоа се тешки песни, шансони, но тој сакаше да слушне барем една. Го зеде цедето и прва ја пушти ,,Игри без граници”.

Тоа беше тоа. Тој не сакаше да слушне да не му ја дадам песната. Негова и крај! – раскажува Рус.

Братош го средил аранжманот на песната, и влегле во студио. Тоше ја отпеал од прва, перфектно, и ги оставил сите во студиото без текст.

-Сите ми кажаа дека тоа е една многу тешка песна, дека Тоше е млад пејач. Никој тогаш не сфаќаше дека се работи за еден вонсериски пејач. Но, кога ја отпеа, сите кажаа – Тоа е тоа! На тоа снимање тој ја отпеа песната од прва, неверојатно беше тоа, оти на други пејачи им ги снимаме вокалите со денови.

Тоше ме тргна на страна и ме праша дали добро испеал. Боже мој, па јас бев воодушевен од неговото пеење, искрено му реков – Ја испеа подобро отколку што јас ја напишав.

Такво едно скромно, а квалитетно човечко битие, таков распон на крилјата од она кое човек го може, до она како се однесува, тоа ретко се гледа на земјата – вели композиторот во емисијата ,,Моја пјесма”.

Додава дека Тоше секогаш сакал повеќе, сакал да донесе некоја порака. Очекувал дека ќе доживее огромна популарност.

-Беше тоа период кога правев песни само за себе. Немав повеќе некоја волја… И тогаш на некој начин се разбудив, но потоа пак подзапрев… Кога ја слушам песната на радио е доста комплексно. Се јавува она чувство за младиот пријател кој настрада и не е веќе тука, тоа е неминовно… Ние имавме нешто кое беше прекинато. Се би дал тоа момче да е сега тука… Тешко е тоа.

Се сеќавам веднаш и на Братош, кој требаше мене да ми прави аранжман на песната, која на крај ја доби Тоше. Тој даде голем белег на се што се случи со песната. Тоа беше мој дрим тим – раскажа Рус.

Настанот во чест на Тоше кој ќе се одржи вечерва во Крушево, а на кој познати музичари ќе ги пеат неговите хитови е поддржан од Министерството за култура.

Вики Клинчарова

Поврзани новости