Заврши Саемот на книга: Нема да одиме во кафеана, за да заштедиме за книга!

by fokus

Денеска заврши Саемот на книга, кој започна од 8-ми септември на отворено кај СЦ Борис Трајковски во Скопје. Издавачите и посетителите се генерално задоволни од овој настан, на кој учество зедоа 60 издавачки куќи.

Саемот беше добро посетен и покрај протоколите за влез. Факт е дека има помалку посетители за некои 20,30 отсто, но кај нас прометот не е помал. Имаме повеќе изданија, побогата ни е понудата како издавачка куќа. Тие што читаат книга, наоѓаат пари за такво задоволство. Не сме ние толку загрозени како сектор, за разлика од туристичкиот сектор“, вели Филип Баткоски, управител на Бата-прес.

Ивана Божиновска, која за првпат оваа година е ангажирана на Саемот на книга смета дека протоколите мошне ја намалиле посетеноста на овој настан.

Можам да кажам дека протоколите ја намалија посетеноста оваа година. Претходните години продажбата била одлична, но годинава е слаба. Жално и за издавачите, а кризата освен кај нив, се чувствува и кај читателите. Минатата година имало многу подобри попуст“, додава Божиновска.

Посетителите со поделени мислења – дали станува збор за саемските попусти или за изборот на книги на штандовите.

Задоволна сум. Ми се допаѓа што е на отворено и се почитуваат протоколите. Мислам дека попустите лани беа полоши, а годинава се подобри. Годинава има многу повеќе избор за разлика од претходните години“, коментираат посетителите.

Македонија не може да се пофали со некаков висок животен стандард, но дали луѓето можат да си дозволат книги од 500 или 1000 денари?

И покрај тоа што нашата просечна плата е ниска, мислам дека секој може да си дозволи да купи книга. Не би излегла во кафеана еден викенд, за да заштедам да си купам книга“, вели една читателка.

Корона кризата која во Македонија започна од март минатата година го зголеми бројот на читатели во земјава, но и ги разбуди оние пасивните кои одвреме-навреме се дружеа со литературните дела.

Текст и фото: Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости