Заврши распитот на Богоевски, изјавата е тајна

by Фокус 14:20
14:20

Слободан Богоевски повеќе од четири часа беше на распит пред Обвинителството за организиран криминал и корупција како сведок за случајот Телеком. Тој утрово беше донесен од Кумановскиот затвор во Обвинителството за да го испрашаат.

Богоевски е на издржување затворска казна во кумановскиот за случајот „Агент“. Денеска беше повикан откако јавно се појави неговото сведочење за случајот пред судот во Њујорк во кое наведува дека на актуелни и на поранешни функционери во 2005 година им било исплатено мито од Маѓар телеком преку грчкиот бизисмен Кондоминас.

- Advertisements -

Сведочењето на Богоевски за Њујоршкиот суд беше јавно објавено и во него поранешниот разузнавач тврди дека документите за матните игри во Телеком ги доставил преку посредник и до премиерот Груевски уште во 2008 година, но ништо не било преземено. Пред да биде повикан тој самиот јавно побара да ги презентира своите сознанија за митото од пет милиони евра.

Богоевски во сведочењето тврди дека доскорешниот директор на УБК, Сашо Мијалков барал мито од Кондоминас за да се повлече потерницата по грчкиот директор во Телеком, Кефалојанис. Богоевски во таа изјава наведува дека поранешниот премиер Бучковски, вицепремиерот Муса Џафери и лидерот на ДУИ Али Ахмети  добиле мито секој по 2,5 милиони евра за да се спречи влез на трет мобилен оператор во Македонија.

Што денеска зборувал Богоевски е тајна, но не е тешко да се претпостави дека повторил сознанија од веќе објавените. Со оглед дека неговото сведочење во Њујорк е обемно и содржајно, малку може да се смета дека има нешто дополнително.

Сите спомнати  во сведочењето ги негираат како клевети наводите на Богоевски. Обвинителството по допрен глас од јавноста го отвори предмет за овој случај. Посочените најавија дека ќе поднесат тужби против Богоевски. Кој е следен на списокот сведоци, никој не открива. Пред неколку дена професорот Дејан Мицковиќ јавно потврди дека и тој имал исказ како сведок за случајот.

 

Поврзани новости