Учесниците во денешниот протест за „Монструм“, но и полицајците се повлекуваат од локацијата на Бит Пазар. До тука стигнаа демонстрантите, кои по полициска проценка за можни инциденти беа спречени да ја поминат претходно планираната маршута – од паркот во Чаир, кон судовите, па до Владата, каде првично планираа да дадат изјави.
Ситуацијата во моментов е смирена, протестот заврши. Организаторите, откако ги испорачаа своите барања во врска со „Монструм“, но и за други судски случаи и откако дел од демонстрантите фрлаа со камења и други предмети кон полициајците, го прогласија протестот за завршен.
Дел од учесниците во протестот одбиваа да се повлечат и продолжија да фрлаат со различни предмети кон полицискиот кордон. Поединци од протестот, некои од нив маскирани се обидуваа да предизвикаат инциденти. Екипата на МИА беше нападната на протестот, по што привремено беше прекинат преносот во живо.
Според извори од МВР во инцидентите се повредени седум припадници на полицијата. Учесниците во протестот во еден момент беа на дистанца од стотина метри од полицискиот кордон, на локацијата на Бит Пазар. Полицискиот кордон ги потиснуваше демонстрантите, кои бараа од полицијата да им го ослободи патот за да стигнат до судовите и Владата. За да ги растера демонстрантите полицијата употреби и шок бомби.
Во своите изјави организаторите бараа меѓународни експерти да ги преиспитаат случаите „Монструм“, „Алмир“, „Алфа“, „Харун Алиу“, „Бродец“ и други, а некои од нив побараа од лидерот на ДУИ, Али Ахмети да ја напушти Владата.
– Бидејќи ниту една Влада не презема ништо во врска со овие прашања, ни останува само да им се обратиме на меѓународните институции, порачаа учесниците на протестот.
Пратеникот од Алтернатива, Скендер Реџепи, ги повика учесниците во протестите на смиреност и вети дека ќе преземат се што можат како пратеници „да биде задоволена правдата во овие случаи“. Поранешниот потпретседател на Собранието, Хисни Шаќири, исто така, побара од учесниците во протестот да бидат смирени.
Протестот беше организиран поради незадоволството на семејствата на обвинетите во случајот „Монструм“ по изрекување доживотни казни затвор на обвинетите Алил Демири, Африм Исмаиловиќ и Агим Исмаиловиќ, единствена казна затвор од 15 години за обвинетиот Фејзи Азири и единствена казна затвор од девет години на обвинетиот Хаки Азири, обвинети за петкратното убиство на пет лица кај Смилковското Езеро на 12 април 2012 година. Единствено обвинетиот, Сами Љута беше ослободен.