Затворски казни за браќата Миладинови обвинети во „Изгрев“

by fokus

Првообвинетите, браќата Миладинови, добија затворски казни, и тоа две години затвор доби Димитар Миладинов, а 2,6 години доби неговиот брат Ѓорѓи. Двајцата, според пресудата се виновни за кривичното дело перење на пари, а обвинувањето за кривичните дела злоупотреба на службената положба и измама беа отфрлeни.

Девет месеци, за истото кривично дело доби и адвокатот Димитар Савовски, а една година и три месеци доби обвинетиот Димитар Голабовски, кој е сопственик на фирмата „Агора консалтинг. Условна казна затвор добија референтката од струшкиот Катастар, Сузана Блажеска, од 1,6 година, а две години Златко Фармакоски, советник за геодетски работи во Агенцијата за катастар во Струга. Останатите обвинети куртулија од казна.

Изречените казни, случајно или не, се поклопуваат со времето кое дел од обвинетите го поминаа во притвор.

По изрекувањето на пресудата, своето незадоволство го изрази Ѓорѓи Миладинов.

„Морам јавно да кажам дека судот е марионета на обвинителството и Министерството за правда. Во оваа држава нема правда. Во притвор поминавме 23 месеци, за кои Судот за човекови права во Стразбур се изјасни дека незаконски ни бил изречен. Без да размислат ставаат луѓе во притвор. Ни го уништија бизнисот, угледот, семејството“, рече Миладинов, додавајќи дека и оваа пресуда ќе ја обжалат, но дека не очекуваат правда, бидејќи во Македонија ја немало. Истакна дека кога се ќе заврши во државата, правдата ќе ја барат во судот во Стразбур.

На браќата им е конфискуван имотот, а според судот треба да надоместат штета од околу 2 милиони евра, кои наводно биле испрани.

Случајот „Изгрев“ во судница влезе во 2009 година, кога браќата Миладинови беа обвинети за финансиски малверзации и за манипулации со хотелот „Изгрев“, а за помагање беа обвинети неколкумина адвокати, судии, нотари. Приведувањето на осомничените се случи кога Македонската православна црква на јавна лицитација повторно ја поврати сопственоста на хотелот.

Со првостепената пресуда, браќата беа осудени на 6,5 години затвор, но оваа одлука беше укината од Апелација и случајот беше вратен на повторно судење.

На изрекувањето на пресудата не присуствуваше обвинителката Гордана Гешкоска.

 

Поврзани новости