Затвореник кој одлежува затворска казна во „Идризово“ синоќа се обидел да го задави цимерот со кој ја делеле ќелијата со телефонски кабел. Тепачката се случила околу 22 часот, но поради брза реакција на останатите цимери и затворската служба, трагедијата била избегната.
„Фокус“ за случајот првично беше информиран од затвореници, но инцидентот за „Фокус“ го потврди директоро и Живко Пејковски, кој вели дека нападнатиот затвореник е во добра здравствена состојба.
-Се случила тепачка, и според кажувањата едниот се обидел да го задави другиот со телефонски кабел кој претходно го скинал од телефонската говорница. Поради брзата реакција затвореникот не е повреден. Пријавивме во МВР кои сега треба да откријат што навистина се случило, бидејќи сега и двајцата затвореници велат дека се било во игра, и немале намера да се повредат, вели Пејковски за „Фокус“.
Директорот посочува дека станува збор за затвореници кои подолго време се станари на затворот и неколку пати биле осудувани за потешки кривични дела.
Пред две недели во затворот „Идризово“ се случи трагедија и со смртна завршница. Во женското одделение почина 46-годишната Шуткија Мустафова. Директорот на затворот Живко Пејковски тогаш ни објасни дека затвореничката во изминатиот период дури дваесетина пати била носена на клиника, а неколку пати и интервенирала и Брза Помош, но не била задржана на лекување. Сепак како што посочи Пејковски, причината за смртта ќе се знае по завршувањето на обдукцијата.
Од семејството на затвореничката, пак, тврдеа дека таа починала од насилство во затворот, односно била претепана.
Валентина Вурмо