ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ ќе ја претвори државата во алатка на партијата

by fokus

Зоран Заев и СДС најавуваа департизација и деполитизација на институциите и државниот апарат додека беа во опозиција, а сега ја претвораат државата во алатка на партијата, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Заев и другите челници на СДС додека беа опозиција го проблематизираа фактот што Гордана Јанкулоска беше и министер и партиски функционер. Сега граѓаните гледаат дека едно е СДС во опозиција, а друго е СДС на власт. Оливер Спасовски наместо да се повлече од партиските функции и да ја одвои партијата од МВР, како што СДС ветуваше пред избори, тој сега е унапреден во потпретседател на СДС“, се вели во партикото соопштение.

Од партијата велат дека назначувањето на Оливер Спасовски за потпретседател на СДС, е само начин да се елиминираат сите професионалци кои во изминатиов период работеа на случаите против криминалците и наркодилерите блиски до Заев.

„Граѓаните јасно гледаат дека преклопувањето на партијата со министерството за внатрешни работи е дел од стратегијата на СДС да ги стави под своја капа органите на прогонот и правосудниот систем. Оваа стратегија започна со заканите кон судиите за генерален реизбор, а продолжи со иницијативата на Заев за смена на Републичкиот јавен обвинител кој го гони за случајот „Поткуп“.

Со ова Заев сака да се спаси себе си од кривично гонење и процесуирање на кривичните пријави против него и луѓето блиски до него. ВМРО-ДПМНЕ ги повикува професионалците во МВР, обвинителството и судот да не потклекнуваат на политичките притисоци од страна на СДС. Тие се должни и одговорни пред граѓаните да постапуваат исклучиво според Уставот и законите, а не пред партиските наредби на потпретседателот на СДС или кој било друг партиски функционер“, се надополнува во партиското соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.

Поврзани новости