Четириесет и двегодишниот Дејанче Николески од Прилеп, наместо да биде во затворот во Штип, поради сплет на околности, тој веќе со месеци е во бегство, каде што се обидува да остане жив, односно се лекува.
Николески за „Фокус“ ја раскажува својата приказна, истакнувајќи дека иако е свесен дека можат да го уапсат и веднаш да го спроведат во затвор, сепак вели дека јавноста мора да знае што се случува во правосудството, и како поради скандалозни одлуки на овие институции луѓе умираат низ затворите.
Тој посочува дека во јануари, директорот на затворот Штип, на своја иницијатива, поднел предлог за прекин на неговата 13-годишна казна, бидејќи образложил дека во затворот не постојат услови за лекување на Николески и дека неговиот живот е во опасност. Николески појаснува дека има сериозно заболување на џигерот.
Постапувајќи по барањето, Основниот суд во Прилеп носи решение со кое му ја прекинува казната. Откако поминале три дена, решението стане правосилно а тој бил пуштен на слобода, бидејќи обвинителството не го обжалила решението на судот. Но, по 15 дена, откако добил можност соодветно да се лекува, неформално го известиле од судот дека мора да се врати во затвор, бидејќи обвинителство сепак поднело жалба, а Кривичниот совет на судот ја прифатил. Нашиот соговорник објаснува дека иако жалбата на обвинителството била задоцнета, кое се правдало дека по грешка ја испратиле во друг суд, сепак таа не смеело да биде прифатена бидејќи истекол законскиот рок.
Николески вели дека тој во моментот се крие и се лекува.
-Приморан сум да се кријам и да се лекувам, бидејќи ако се вратам во затворот ќе умрам. Таму нема основни услови за да преживее здрав човек, а не болен од сериозна и тешка болест. Токму и затоа и директорот побара прекин на казната, бидејќи знае дека можам да умрам таму, вели Николески.
Тој додава дека иако прекинот му бил на два месеци, сепак тој законски, можел да се лекува околу една година, бидејќи проценката за тоа ја дава лекарот.
-Со адвокатот поднесовме барање со кое бараме вешто лице да каже дали мојата болест, со мојата дијагноза, може да се лекува во затворот, но не верувам дека нешто ќе се смени, вели Николески.
Неделникот „Фокус“ пред неколку години пишуваше за случајот на Николески, кој и ден денес тврди дека не го извршил кривичното дело кое му се става на товар и за кое е осуден на правосилна казна затвор од 11 години, а тоа е сооучесник во убиство.
На 31 декември 2004 година, додека сите славеле Нова Година, во една куќа во скопското село Раштак се случувал вистински хорор. Двајца непознати напаѓачи најпрвин го убиле кучето, кое стражарело пред куќата, а потоа го застрелале и неговиот сопственик, 60-годишниот Миле Мојсовски. По убиството, ги врзале сопругата и гостинката на Миле, барајќи да кажат каде е сефот со пари, а на малолетниот син му наредиле да молчи. Откако го зеле пленот, избегале со џипот на убиениот.
Дури четири години по убиството, Николески и еден другар биле уапсени откако ограбиле стан. Но, наместо да го гонат со обвинение за кражба, за Дејанче настапува шок. Инспекторите му велат дека е препознаен како сторител на убиство и тешко разбојништво. Му пресудуваат експресно, со само четири одржани рочишта, одмерувајќи му 12-годишна казна за ладнокрвно убиство, со елементи на свирепост, измачување и тортура.
Подоцна, делото е преквалификувано, па од ладнокрвен убиец, го прават соучесник, за што добива 11-годишна казна. Она што е спорно за осуденикот, но и за неговото семејство, е тоа што обвинителството немало докази кои на каков било начин го поврзуваат со злосторството.
Од местото на злосторството биле земени влакна, плунка од догорче на цигара, како и од возилото со кое се превезувале убијците, но по извршената ДНК-анализа се покажало дека тоа не се траги од обвинетиот Дејанче. И отпечатоците оставени низ куќата на убиениот не биле негови.
Пресудата против него се заснова единствено на сведочењето на сопругата на Миле, Лујза Мојсоска. Според нејзиното кажување, двајцата напаѓачи носеле качулки на главите, а наводно лицето на едниот го видела на две секунди. Па така, по дури четири години се сетила дека тоа бил Николески?! Другиот сведок, пак, секретарка на убиениот, сведочела во негова корист, односно опишала сосема различна личност.
Сведок на грозоморната глетка бил и осумгодишниот син на Миле, кому, ниту во присуство на стручни лица, не му било дозволено да сведочи. Па, така, судот се крстел единствено во изјавата на Лујза, а без размислување ги отфрлил 17-те сведоци на Дејанче кои тврделе дека биле заедно со него во новогодишната ноќ, и тоа во Прилеп.
„Признавам дека не сум цвеќе за мирисање, ама да ме обвинат за убиство беше незамисливо. Јас сум крадел, ама со глава тврдам дека не сум убиец. Мене душата ми е чиста, но ме боли многу за детето кое ми страда, додека јас лежам невин. Ме затворија без око да им трепне, и тоа без ниту еден доказ. Па, јас ниту знам каде се наоѓа тоа село Раштак. Мојата нога никогаш не стапнала таму“, вели Николески.
Валентина Вурмо