Затворени уште 10 маркети кои не продавале производи по ограничени цени

by fokus

Од 19 септември, кога е донесена првата владина Одлука за намалување на цените, направени се над 550 надзори, издадени се преку 32 платни налога и изречени се казни во висина од 6,320 милиони денари. Казните се за непочитување на Одлуката, но и за примена на нечесни трговски практики, а се постапува согласно Законот за заштита на потрошувачите, соопшти денеска директорот на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), Горан Трајковски и информира дека се затворени 10 маркети: во Скопје, Куманово, Кичево, Гостивар, Кавадарци, Тетово и Струга.

Како што истакна Трајковски на прес-конференција, меѓу овие десет маркети нема ниту еден од оние пет што беа првично затворени.

Директорот на ДПИ повтори дека до намалените цени на производите треба да стои ознаката „гарантирана цена“, а до оние, дополнителните, што се самоиницијативно поевтинети од маркетите, треба да има соодветната ознака која тоа јасно го покажува.

Тој апелира до сите нерегистрирани трговци, да се регистрираат најдоцна до 15 октомври зашто потоа, најави, ќе следуваат засилени контроли.

-Изминатите 10 дена се уверивме дека секој што не ја почитува владината мерка ќе биде казнет, а секој што ќе применува нечесни трговски практики ќе биде затворен и тука нема да има компромис за никого. Така ќе биде и во иднина, нема да има компромис и ќе биде казнет секој што нема да ги почитува мерките и одлуките на Владата, а оној што ќе го повтори прекршокот ќе биде затворен на подолг временски период, подвлече директорот.

Во однос на нерегистрираните трговци, напомена дека ако по 15 октомври се забележи трговец кој врши дејност нерегистриран, ќе има казни и ќе се одзема стоката.

-Не е во ред во денешно време да се биде нерегистриран, а не е ниту фер кон оние што редовно плаќаат данок и секакви други дополнителни давачки. Или сите заедно ќе градиме правичен систем, а оние кои не сакаат да бидат дел од тој систем, ќе бидат казнети без селекција и без компромис по сите закони по кои постапува ДПИ, рече Трајковски.

На новинарско прашање околу недостигот на некои производи во маркетите, како јајцата, а претходно и месото, како што пријавуваа потрошувачи, Трајковски рече дека трговците треба да кажат ако имаат проблем со снабдувачите за Инспекторатот да реагира.

-Снабдувачите, односно оние што вршат трговија големо, ќе бидат посетени и ќе се види дали должноста од 70 проценти ја исполнуваат. Некаде можеби се потрошиле залихите, па трговецот немал испланирано нова нарачка, но мислам дека тој проблем е решен, ако го имало некаде и во моментов секаде се доставени јајца по маркетитие и овој производ го има, нагласи Трајковски.

Тој потсети дека телефонскиот број 02/191 за пријавување нерегуларности функционира 24 часа, секој ден во неделата.

Поврзани новости