Сите избирачки места во Црна Гора се затворени и се пребројуваат гласовите. Според податоците на ЦДТ, излезноста до 20:00 часот била 63,6 отсто.
За претседател ќе биде избран кандидатот кој ќе освои повеќе од половина од важечките гласови на гласачите. Доколку ниту еден кандидат не го добие потребниот број гласови, втор круг избори ќе се одржи за 14 дена, односно на 2 април. Во втората изборна трка учествуваат двајцата кандидати кои освоиле најголем број гласови.
Граѓаните избираат меѓу актуелниот претседател и лидер на Демократската партија на социјалистите, Мило Ѓукановиќ, заменик-претседателот на движењето Европа сега, Јаков Милатовиќ, лидерот на Демократскиот фронт Андрија Мандиќ, инфлуенсерот Јован Радуловиќ, претседателот на Обединета Црна Гора Горан Даниловиќ, лидерот на Демократите Алекса Бечиќ и пратеничката Драгиња Вуксановиќ Станковиќ од Социјалдемократската партија.
Според 33,5 отсто обработени гласови, Ѓукановиќ освоил 36,2 отсто од гласовите, Милатовиќ 23,9, а Мандиќ 23,4 отсто.