Два угостителски објекти, едниот во ТЦ Лептокарија, другиот во близина на село Мирковци се затворени поради труење, информираа од Агенцијата за храна и ветеринарство.Од таму објаснуваат дека им е наложено генерално чистење, вршење на дезинфекција и вонреден санитарен преглед на вработените.
– Врз основа на добиено известување од Центарот за јавно здравје дека на Клиниката за инфективни болести во текот на викендов се примени неколку лица со симптоми на труење, инспектори за храна од Агенцијата за храна и ветеринарство, во соработка со санитарната инспекција, во саботата извршија инспекциска контрола во угостителските објекти – се наведува во соопштението од Агенцијата.
За утврдување на причините на труењето во овие два објекта, од страна на инспекциските служби земени се и мостри од храната која се послужувала, брисеви од работните површини во угостителските објекти за лабораториско испитување.
Решенијата за времено затворање на објектите ќе останат на сила се додека не се потврди безбедноста на храната во угостителските објекти.