Двојни заштитни барикади вечерва се поставени пред изборниот штаб на коалицијата „Вреди“, кој се наоѓа на плоштадот „Скендербер“ на влезот во Старата скопска чаршија. Се забележува и присуство на полициски екипи. Присутните симпатизери пред штабот на „Влен“ извикуваат „Победа, победа“.
Од „Вреди“ за МИА изјавиле дека поставувањето на барикадите е поради безбедносни причини односно, како што посочија оттаму, немаат најава за некаков инцидент или закана за загрозување на животот на некој од членовите на коалицијата.
-Коалицијата ВРЕДИ е апсолутен победник кај албанскиот кампус – рече на прес-конференција Изет Меџити.
Неговиот говор беше проследен со громогласен аплауз.
– Како што предупредувавме и во кампањата, денешниот изборен процес беше сѐ, само недемократски. За жал државните институции кои треба да го гарантираат процесот се ставија на располагање на ДУИ. На терен се забележани, заменици-министри, министри, директори и други партиски функционери. Нивното присуство е документирано и во следните денови ќе ги информираме претставниците на амбасадите и набљудувачките мисии за сите овие настани – рече тој.
Меџити порача дека за насилството врз гласачкото право ќе се одговара. Според него, ДУИ го покажала своето вистинско лице со бојкот на претседателските избори.
-Замислете, партијата која на изборите излезе со името „Европски фронт“ и кажуваше дека за брзо ќе нѐ интегрира во ЕУ, направи чин спротивен од тоа. Јавно го прашуваме министерот Бујар Османи, како ќе го оправда бојкотот утре пред меѓународните партнери – рече Меџити.
Tој најави промена на власта веќе од утре.
– Али Ахмети од денеска е најголемиот губитник заедно со Артан Груби. Од денеска ќе заврши во политичка изолација од сите страни. Албанците од денес имаат нов сериозен политички фактор кој гордо ќе ги застапува. Вечерва започнува промената – посочи Меџити.