Засадено дрво на мирот во дворот на Царинската управа

by Fokus 14:05
14:05

Министерката за финансии Нина Ангеловска, генералниот секретар на Светската царинска организација (СЦО) Кунио Микурија и директорот на Царинската управа Ѓоко Танасоски денеска во дворот на Царинската управа засадија Дрво на мирот.

Дрвото е засадено на маргините на 14. Конференција за партнерство во царинското истражување и развој – ПИКАРД, што годинава се одржува во Скопје, а ја симболизира посветеноста кон заедништвото во рамки на големото царинско семејство и заложбата за натамошно развивање на досегашната соработка.

- Advertisements -

На тридневната конференција се разговараше за важноста од брзото движење на луѓе, стоки и превозни средства преку границите, за координацијата и соработката меѓу царинските служби, прекуграничната е-трговија, а посебно внимание беше посветено на примената на новите технологии во царинското работење.

Изборот за домаќин на конференцијата е потврда и признание за напредокот што е постигнат во процесот на модернизација на Царинската управа и прифаќањето и спроведувањето на инструментите и конвенциите на СЦО за реформите и учествата во глобалните снабдувачки синџири и олеснување на трговијата.

Република Северна Македонија е членка на Светската царинска организација  од 1 јули 1994 година и активно учествува во нејзината работа. Основна цел на оваа организација  е постигнување на највисоко ниво на хармонизација и еднообразност на царинските системи, проучување на проблемите на кои се наидува во развојот и подобрувањето на царинските техники и царинското законодавство.Таа е независно меѓувладино тело каде членуваат 183 царински управи од целиот свет.

Поврзани новости