Зарем партија што троши 4 милиони евра во изборна кампања, ќе ја стресе глоба од 1.000 евра за министер?!

by Фокус

Текстот е објавен во неделникот „Фокус“ на 19 октомври 2012 година.

Пишувала
Јадранка КОСТОВА

Дипломатскиот јазик со кој се пишуваат извештаите на меѓународните организации кои по разни основи нѐ оценуваат, отсекогаш биле добредојдени за секој да си ги толкува како што сака. Сепак, кај ваквите писанија главниот уметнички впечаток го дава генералната оценка, која горе долу е куса, но и јасна барем меѓу редови. Она што внесува малку повеќе смут се деталите кои што, откако ќе ги исчитате, ќе ве доведат во ситуација да се исчудувате како при сериозни забелешки, општата слика за едикоја си тема или настан добила толку светли начелни тонови!

Повод за ваквите размисли ми е конечниот извештај на Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР за ланските предвремени парламентарни избори. Нивните препораки се основата од која се инспирирани измените во изборната регулатива за која сега се дебатира во парламентот, но, истовремено, тие беа и главниот меѓународен адут на власта за добро спроведени избори.

Она што и опозицијата сега го поставува како ултимативен услов за избори е корекциите во изборната регулатива да бидат „согласно препораките на ОБСЕ/ОДИХР“. Но, овде и законите и Уставот драстично различно се толкуваат, а не пак препораки биле тие и од ОБСЕ/ОДИХР. Оти на нив и Министерството за правда се повикува, ама опозицијата воопшто така не ги доживува!

АСПЕКТИ ШТО ЗАСЛУЖУВААТ ВНИМАНИЕ

Токму собраниската расправа за измените во изборниот законик, а под параванот „препораките на ОБСЕ/ОДИХР“, беше повод малку подетално да ѕирнеме во извештајот на ОБСЕ/ОДИХР што ги бојадиса ланските избори во позитивно светло. Особено што временската дистанца, ослободена од сета еуфорија а и хистерија што владееше во постизборието, придонесува опсервациите во овој извештај да добијат поинаква смисла. Да, во тие моменти беше клучно што ОБСЕ/ОДИХР ги претвори изборите во голем плус за Владата на Груевски и Ахмети. Тоа потоа го презеде и Европската комисија во својот Извештај.

И да почнеме од начелната оценка што Набљудувачката мисија на изборите ( НМИ) прецизно ја срочи. А во неа, внимавајте, нема да ги најдете зборовите фер и демократски. „Предвремените парламентарни избори беа натпреварувачки, транспарентни и добро спроведени во целата земја, иако одредени аспекти заслужуваат внимание“. И, навистина ќе мора да се согласиме со ваквите оценки. Да, се натпреваруваа партиите, арно ама некои ја имаа државата зад себе. Транспарентни, пак, за прв пат беа и разни врсти суптилни злоупотреби, а владејачките партии добро ги спроведоа во сопствена полза. А ако посветите внимание на одредени аспекти, изборите тешко ќе ги доживеете како „подобро спроведени“.

Патем, за споредба, нивниот извештај за претседателските и локалните избори од 2009 година содржеше оценка дека „беа во согласност со најголем дел од заложбите на ОБСЕ и другите меѓународни стандарди за демократски избори“, иако забележаа и тогаш проблеми, од типот на „широко распространети обвинувања дека гласачите биле заплашувани“. Значи тогаш ОБСЕ/ОДИХР ги оцени во „најголем дел“ како демократски, или зборот демократски постоеше, а лани биле „транспарентни и добро спроведени“.

Ферски е што не ги оквалификуваа како фер, но неферски е што владејачкиот двоец Груевски- Ахмети летна до небо од „визата“ што ја доби. Оти од 1991 година до денес, ова беа само најмирни избори – немаше тепачки и убиства, кршење на кутии и слични физички насилства. Ама на секој друг план бевме сведоци на суптилен и подземен организиран изборен инженеринг, кој, прашање е за нагаѓање -колку ја измени изборната карта според резултатите!

Всушност, кога ќе се задржите на сите евидентирани забелешки во Извештајот за „транспарентните“ избори, поточно за конкретните „аспекти што заслужуваат внимание“, а се содржани во, на моменти барем контрадикторните оценки на ОБСЕ/ОДИХР, тогаш ќе сфатите колку проблематични избори сме имале. Прашање е тогаш, пак, зошто при солидно завршена мисија, при толку евидентирани злоупотреби на партиите од власта или сериозни сомнежи за тоа, ОБСЕ/ОДИХР мораа генерално да им напишат добро поведение на Груевски и Ахмети?

ЕЛЕКТРОНСКИТЕ ПОРАКИ НА ВМРОВСКИОТ ФУНКЦИОНЕР СТИГНАЛЕ И ДО ОБСЕ

Една од забелешките кои се од типот „лубендиња“ е токму за измените на Изборниот законик што лани на ура беа стокмени. Како втора сериозна мана, пак, е заведен проблематичниот избирачки список. За овие два „аспекта што заслужуваат внимание“, законот и списокот, се осврнувам во посебните рамки од текстов. Едноставно, само за да минеме на еден ептен важен аспект за едни избори да бидат фер и демократски. Тоа е нашата стара болка, кога не знаете каде завршува партијата а почнува државата, односно навиката во ова време проширена и надградена со над 100 чекори- партијата на власт да ги третира државните ресурси, како селска прчија. А на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР ѝ биле познати шемите со уцени и заплашувања на државни службеници од владејачката партија.

„Според овие обвинувања, вработени во државни и јавни институции биле заплашувани и им биле упатувани закани дека ќе ги изгубат работните места ако не ги исполнат таквите барања. Други обвинувања пак, вклучија закани упатени кон граѓани, кои, ако не ја дале својата поддршка за одредени партии или кандидати, ќе го загубеле правото на пензија. Најголем дел од ваквите обвинувања беа поврзани со дејства на службени лица на државата и активисти кои и припаѓаат на главната владејачка партија“, пишува во Извештајот на НМИ на ОБСЕ/ОДИХР, од кој, ете, дознавме дека и пензионери биле на мака.

И ако досега само се шпекулираше за притисоци врз администрацијата на изборните сеанси, лани за прв пат имавме и фатени на дело. Прилогот беше емитуван на А1 телевизија, каде беше солидно документирано како одредени функционери од подрачни единици на Фондот за здравство на новинарките кои телефонски им се претставија како да се од партискиот штаб на ДПМНЕ, им реферираат колку гласачи обезбедиле. Арно ама, од Извештајот на ОБСЕ/ОДИХР разбрав дека не биле сал тие, и не било само здравството инфицирано од ваков вирус туку и градоначалници, ем образованието и културата.

„На НМИ на ОБСЕ/ОДИХР ѝ беа презентирани електронски пораки кои покажуваат дека барањата ги упатувал партиски активист на ВМРО-ДПМНЕ до локалните градоначалници и раководители на образовни институции, пред објавувањето на изборите. НМИ исто така набави копии од списоците кои биле побарувани, а кои биле составувани од страна на вработени во локални образовни институции и државната библиотека“, откриваат меѓународните монитори каков богат доказен материјал им бил ставен на увид.

ДРЖАВАТА – ТОА СУМ ЈАС

Но дека не станува збор за инциденти, туку тоа бил систем на владејачката партија – државата во функција на партијата, илустрира делот во кој во таков контекст се споменува и Груевски. Се разбира, не по име туку по функција, а само еден е премиер во Македонија.

„На 19 мај, Премиерот, засенувајќи ја линијата меѓу својата функција како Премиер и онаа како лидер на владејачка партија, испрати писмо, на меморандум на владата, до сите државни службеници и вработени во владата, повикувајќи ги да ја „гарантираат слободата на изборите“. Меѓутоа, во истото писмо, Премиерот зазеде партиска позиција кога се осврна на „нападите на нашите политички соперници“ и „неоснован напад од опозицијата“, констатира НМИ на ОБСЕ/ОДИХР.

Навидум делува како дребулија – демек, наместо да удри партиски печат тоа го сторил под владиниот бренд. Но суштината открива многу поголем дефект во системот. Овие фројдовски грешки на Груевски упатуваат на тоа дека станува збор за тренд филозофија која партијата ја изедначува со државата. Во стилот на апсолутистичкиот владетел Луј Четрнаесетти – државата, тоа сум јас. Оттаму, јасно е и дека државните службеници кои барале гласачи биле дел од преродбенички систем, а не поединечни излети. Да беше поинаку, ќе имаше реперкусии по нив. Тие можеби дури и напредувале за добро сработените гласови!

Колку за да бидат прецизни, набљудувачите ќе потсетат на став 5.4 од Копенхашкиот документ на ОБСЕ од 1990 година, кој што одредува „јасна одделеност на Државата од политичките партии“.

Привилегија да биде конкретно посочена, покрај премиерот имаше и Гордана Јанкуловска. Во извештајот на ОБСЕ/ОДИХР се регистрирани случаи кога министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, која беше и носител на изборна листа на ВМРО-ДПМНЕ, го искористила своето официјално овластување за потребите на кампањата. Таквите случаи ќе ги оквалификуваат како конфликт на интерес меѓу нејзиното овластување како Министер и нејзините активности како кандидат.

„Во еден случај, МВР ги достави кривичните досиеја на неколку овластени претставници на СДСМ, кои на денот на изборите требаше да ја набљудуваат работата на ДИК, при што побара таквите претставници да не бидат акредитирани, иако не постои законска основа за преземање такво дејствие. Исто така, на 2 јуни, коментирајќи ги извештаите за нападот на возилото на еден од носителите на кандидатската листа на СДСМ, Министерството го стави под сомнеж мотивот и веродостојноста на извештаите кои ги искажале сведоците, пред да заврши истрагата“, стои во извештајот како транспарентно позицијата во полицијата може да се искористи против „политичките соперници“.

Сепак, дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ братски ги користат државните ресурси, разбрале и претставниците од НМИ на ОБСЕ/ОДИХР. Биле запознаени со други обвинувања за злоупотреба на овластувањата на МВР за изборни цели.

„Одреден број полициски службеници – етнички Албанци, во регионот на Куманово, биле уназадени во службата поради нивната наводна нелојалност кон ДУИ, а три виши полициски службеници биле отпуштени од работа само неколку недели пред изборите“, ќе запишат набљудувачите, при што во фуснота ќе конкретизираат дека станува збор за командирот на полициската станица во Ростуша и Маврови Анови, и командир на Сообраќајната полиција во Гостивар.

ИМА ОБВИНИТЕЛ, НЕМА ДОКАЗИ

И после неколкуте транспарентни симптоми за начинот на кој ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ја третирале државата како алатка за нивната партиска кауза, логично е да се побара спасот во институциите кои се надлежни да ги санкционираат таквите девијации. Но, во земја каде меѓу партијата на власт и државата постои равенство, според однесувањето на главешините а не според Уставот, и органите на прогонот се грижат за партијата како да е држава. Секаде ако нешто закашка некој од власта особено ако станува збор за неофицијален партиски проект, обвинителството дури и ако му биде врачено досие, наоѓа начин да го затвори „согласно законот“. Во извештајот на ОБСЕ/ОДИХР се евидентира фактот дека на 11 мај, обвинител Љупчо Шврговски покренал истрага во врска со случајот „списоци за гласање“.

„На 25 мај, скоро 20 државни службеници, кои се нашле на таквите списоци, беа повикани во канцеларијата на Обвинителството за да дадат докази. Според Државниот обвинител, најголем дел од нив не се појавиле на разговор, а тие што се појавиле одрекувале дека било вршен притисок врз нив да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ. На 3 јуни, обвинителот изјави дека нема доволно докази за покренување постапка“, ќе регистрираат од ОБСЕ/ОДИХР без да нагласат дека на 3 јуни, од полноќ почнуваше изборниот молк.

Интересно е како најголем дел од службениците имале таква комоција да не се појават на разговор кај обвинителот! А при ваков систем, кој би имал и храброст да признае. Затворањето на досието неколку часа пред изборниот молк, пак, беше дополнителна стимулација и оние што можеби би признале, да си постапат според упатствата за гласање.

Набљудувачите пишуваат и за уште една истрага за сличен случај во Битола. И овде обвинителот по спроведување на два распити- заклучил нема докази. Од друга страна, за случаите на наводно фотографирање на обележени гласачки ливчиња, за што за прв пат инаку беа фатени неколкумина, ОБСЕ констатира дека „беа препратени во МВР за натамошна истрага“. Веројатно се покуси за драгоцената информација дека и овде истрагата заврши со среќен крај за фотомајсторите. Небаре за спомен и долго сеќавање го сликале своето гласачко дело. Но, после овие записи и резултати звучи дури комично ПРЕПОРАКАТА од ОБСЕ/ОДИХР.

„Обвинувањата за заплашување на избирачите треба, во најкус можен рок, целосно и ефективно, да бидат истражени од органите на власта, а оние кои ќе бидат најдени дека се одговорни за тоа, да бидат обвинети. Граѓаните треба да бидат охрабрени да ги пријавуваат таквите обвинувања со поднесување докази кои можат да бидат верификувани“, забележала мисијата.

Со епилогот на истрагите, тешко дека веќе некој ќе се осмели да пријави вакви настраности, и покрај владините реклами „Осмели се“. Ете, за илустрација, како помина една од препораките на ОБСЕ!

„ДОБРО СПРОВЕДЕНА“ ФИНАНСИСКА ДУПКА!

А сега, како владата ја реализира приоритетната препорака за развивање на механизми за заштита кои ќе осигураат доволно одвојување на државата од партијата. Ќе запишат во законот дека министерот од денот на неговото кандидирање за избори, државната функција ќе ја врши само технички. Санкцијата за оние што ќе ја искористат министерската функција повеќе од технички, е прекршочна, а глобата изнесува од 500 до 1.000 евра. За партија како ВМРО-ДПМНЕ која како од шега троши неколку милиони евра на секои избори, илјада евра се жива смешка. Многу ќе ги стресе глобата. Ќе можат комотно и натаму да си ги користат државните ресурси за своја изборна победа. Ама ако ги навредиш евентуално, бараат да им компензираш до 27.000 евра за душевни болки! Опозицијата, пак, инсистира ова да биде кривично дело за кое следува затворска казна!

И доаѓаме уште до еден сив сегмент – финансирањето на кампањите. Од оваа временска дистанца најповршно делува делот од извештајот на ОБСЕ за финансирањето на кампањите. Зарем ОБСЕ има толку ниски стандарди? Имено набљудувачката мисија ќе искаже задоволство дека била подобрена транспарентноста на овој план. Позитивното го виде во тоа што според измените во законот, лани партиите по прв пат поднесуваа дури три финансиски отчети.

Секако, ние транспарентно дознавме дека ВМРО-ДПМНЕ потрошила 272 милиони денари (наспроти сиромашката СДСМ – 17,5 милиони денари). И уште дека не собрала колку што потрошила, поточно останале должни над 3 милиони евра, од кои 2,4 милиони евра се кон телевизиите Канал 5 и Сител.

Иако законот беше јасен дека изборните долгови се намируваат исклучиво од изборна сметка, а таа мораше веќе да биде затворена, сепак Груевци останаа нетранспарентни- од каде ќе најдат 3 милиони евра и како законски ќе ја санираат дупката. Премиерот одби да одговори конкретно на пратеничко прашање, антикорупциската замолче, ревизорот ја избалансира дупката, а обвинителство исчезна. Да се изразам со речникот на ОБСЕ „добро спроведена и транспарентна“ изборна финансиска дупка!

И да резимираме, партијата што се изедначува со државата остана нечепната при сите овие дубиози. Наспроти тоа, против главната опозициска партија СДСМ се покрена кривична постапка поради подигнат кредит за избори, додека лидерот на ОМ Љубе Бошкоски е осуден на 5 години заради нелегално финансирање со помош на загрозен сведок. Ако на Јанкуловска и забележаа за „конфликт на интерес меѓу нејзиното овластување како Министер и нејзините активности како кандидат“ за други работи, како да се оквалификува фактот дека министерството што го раководи носителот на изборна листа на ВМРО-ДПМНЕ иницирало еден лидер на опозициска партија во текот на целата кампања да биде следен и сниман?

И сега, откако фино и детално ќе се скенира запишаното, истовремено со доживеаното нели, сериозно ме мачи дилемата: Можно ли е во услови кога една партија на власт максимално ги користи државните ресурси за своја изборна победа, натпреварот да биде меѓународно верификуван! Како при толку индиции и докази за палавостите на луѓето од владејачката врхушка, дури и кога заплашуваат односно уценуваат гласачи, таквиот изборен натпревар се оцени како „добро спроведен“? Колку гласачи Груевци ќариле со закани и уцени? Или, ова е клевета оти Шврговски не најде докази за такво нешто!?

Оттаму, дури и власта да ги прифати амандманите на опозицијата за Изборниот законик, а „согласно препораките на ОБСЕ“, самиот факт дека лани поминаа супер при очебијни злоупотреби, тешко дека ќе промени нешто, особено после оценката за „добро спроведени избори“ од ОБСЕ! Ќе добијат само уште една фалба дека законот е изменет во согласност со опозицијата. Таа не смее како лани да ги проголта нежно сите ујдурми од теренот за кои што имаше докази. За така „добро спроведени избори“ и бојкот е подобра солуција. Но, тоа е посебна тема!

 

ЗАКОНОТ СЕ СПРОВЕДЕ НА ПРАВИЧЕН НАЧИН?!

Иако измените во Изборниот законик владеачката коалиција ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ги стори без поддршка на опозицијата, и, особено, само два месеци пред датумот за ланските избори, што ОБСЕ/ОДИХР го констатира, сепак, и покрај овие мани, ќе запишат дека корегираниот закон „обезбедил цврста техничка основа за спроведување на демократски избори“, со една битна додавка „доколку истиот се спроведува на правичен и демократски начин“.

И дали се спроведе на правичен и непристрасен начин штом власта ги користи максимално државните ресурси за свои партиски битки? А и за секој закон клучно е да се спроведе на правичен и демократски начин.

Од друга страна, да биде се позавиено, самите меѓународни монитори ќе наведат дека измени на закон два месеци пред избори „не е во согласност со добрата изборна пракса“! Конкретно ќе се повикаат на Венецијанската комисија дека „измените на изборен закон не треба да се прават во период пократок од една година пред изборите“.

Резултатот веќе го имаме- сега ќе добиеме измени на истиот закон, на неколку месеци пред редовните локални избори. И сега треба само да бидеме среќни ако овојпат и опозицијата даде зелено светло!

 

РЕВИЗИЈА НА ИЗБИРАЧКИ СПИСОК ПОСЛЕ ПОПИСОТ!

Набљудувачката мисија не само што евидентира загриженост за квалитетот и точноста на избирачкиот список, туку се потенцираат и претходните препораки на ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија за вршење „целосна ревизија на избирачкиот список“. Да биде иронијата поголема, ќе изразат надеж дека „резултатите од Пописот 2011 треба да помогнат за разјаснување на состојбата“.

И што правиме сега, во услови кога попис немаше а не се знае ни кога ќе се одржи. Премиерот Груевски дури обвини дека го прекинале пописот оти се подготвувал организиран фалсификат, но ниту тој, ниту обвинителството не се претргна да открие кој тоа влегол во таков организиран криминал. Ваквиот епилог, ем јасната намера попис да нема во догледно време а ни тогаш, го подгрева сомнежот дека зајакот лежи во друга грмушка.

Нејсе, следува препораката на НМИ на ОБСЕ/ОДИХР.

„Пред подолго време веќе требаше да се изврши целосна ревизија и исправка на избирачкиот список. Ова треба да се стори по спроведување на пописот во октомври 2011 г. Ревизија и исправката треба да се фокусира на ставките во списокот кои се однесуваат на починатите лица и граѓаните кои престојуваат во странство.“, ќе запишат, а нам ни останува да нагаѓаме како ОБСЕ/ОДИХР ќе постапат следниот пат- ќе ја преповторат истата препорака или пописот ќе исчезне како важен аспект!

 

ВМРО-ДПМНЕ ЌЕ ОСТАНЕ БЕЗ МИТИНГАШИ!

„Секое партиско дејство, од страна на вработени во државни органи, сторено во текот на работното време, претставува злоупотреба на државните ресурси за потребите на партијата“, обзнани ОБСЕ во ланскиот извештај за изборите.

Но, ако ВМРО-ДПМНЕ постапи според оваа препорака, нема да може да ја истера изборната кампања, оти нивните ем се главно згрижени на државна сметка, ем, нели, работат 24/7. Веројатно двојна злоупотреба е ако некој од службеничкото столче преку телефон на државна сметка лобира, да не речам уценува клиенти да гласаат за партијата му. Но, кога постои симбиоза меѓу партијата и државата, за ваквите злоупотреби секогаш „нема докази“!

И тука се присетив како за слични ситуации се реагира во демократските системи. Поранешниот претседател на САД Бил Клинтон и тогашниот потпретседател Ал Гор беа обвинети дека го прекршиле законот за собирање финансиски средства за нивната изборна кампања во 1996 година. Се сомничеа дека ги користеле, а со тоа ги злоупотребиле телефоните на Белата куќа во прибирањето донации. Нивните адвокати тврдеа дека Белата куќа не спаѓа во објектите што не смеат да ги користат во изборна кампања. Како куриозитет прозвуче информацијата дека законот со кој се регулира оваа материја датирал од крајот на 19 век!

 

МЕДИУМИ ЗА „ДОБРО СПРОВЕДЕНИ ИЗБОРИ“!

И јавниот радиодифузен сервис беше теледиригиран од ВМРО-ДПМНЕ при ланската изборна трка.

„Спротивно на законските обврски и јавниот мандат, следењето на изборната кампања од МТВ -1 беше во полза на владејачките партии и силно ја критикуваше опозицијата… Наспроти првичните планови, МТВ- 1 не организираше изборни дебати“, регистрираат од ОБСЕ.

Зошто ваков пресврт направила МТВ, се разјаснува откако и ОБСЕ ќе регистрира дека ВМРО-ДПМНЕ решила да не учествува во ниту една дебата во текот на изборната кампања. Просто како гравче! А формулата како да се купи љубовта на приватните, ќе ја насетите во следниот запис.

„Владата останува единствениот најголем објавувач на реклами во земјата. Додека, од една страна, рекламирањето кое се наплаќа од државниот или општинските буџети е забрането по објавувањето избори, одреден број соговорници наведоа дека владините реклами се доделуваат како награда за лојалните уредувачки политики“, ја регистрираат набљудувачите формулата за поддршката од приватните медиуми за владејачките партии.

Така е тоа при „добро спроведени избори“. Замислете, како ли ќе беше да беа лошо спроведени?!

Поврзани новости