Признавам, се изнамачив, но се убедив да го изгледам и да го ислушам отчетот на Никола Груевски кон партија од неговото десетгодишно владеење. Тоа сигурно не беше отчет за обичниот народ, не беше очет за нас, а ниту за кој било со малку разум и слобода во себе што лесно може да се увери дека голем дел од тие 4 часа беа минути исполенти со лаги, невистини, спинови и со приказни за мали деца. Тоа беше отчет за оние кои сѐ уште слепо го поддржуваат и сѐ уште бараат начин да го задржат митот на човек што демек „направил“ нешто добро за државата и за граѓаните.
Јас на Груевски не му верувам ни збор, ниту пак се обидувам тоа што тој го лаже некому да му го објаснам и да му го образложам како невистина. Неговите зборови се единствено наменети за собирање моментални, ситни, политички поени. Неговите лаги се факт и од нив нема бегање. На неговите лаги само слеп при очи и глув при уши може сѐ уште да им верува. Да бидеме искрени спрема себе, Груевски е готов! Неговата политичка кариера паѓа во бездната со брзина на темнината. Тој не се враќа таму кај што некогаш беше, никогаш нема да се врати. На секој политички свесен човек треба да му е јасно дека Груевски повеќе не може да одработи за себеси, туку сега тој се бори за партијата, се бори и работи за ДПМНЕ. И тоа е негово легитимно право како претседател на партијата, каде искрено се надевам дека уште долго нема да се задржи на таа позиција.
Но, што тоа го доведе него до ваква политичка катастрофа?
Последнава година е година на бомбите кои се вистинското и единствено нешто што го доведоа Груевски до тоа што е сега, соголен до табани. Прислушкуваните и автентичните разговори доведоа тој денес да мора да импровизира со ветување на нови лажни инвестиции, да вади бројки од ракав за илјадиници работни места, да се фали со милијарди од инвестиции, кои за волја на вистината дел од нив никогаш не дојдоа, а дел дојдоа, ги зграбија субвенциите и си заминиаа, дел од нив остана во Македонија експлатирајќи ја работна сила за мизерни 9000 денари од новите вработени.
Но, еве, сите тие демагогии настрана. Доволно е да се земе предвид само муабетите од бомбите, делата произлезени од нив, украдените пари и избори, изнудените проценти, заканите, притисоците и сѐ она нечовечно и дрско што му се вршело на сопствениот народ низ изминатите неколку години за време на неговото владеење. И како резултат на тој надуван балон што пукна, денес нема поголем очет од мизеријата, немаштијата и од пресијата што ја трпи (и трпеше) Македонија. Сликата е повеќе од јасна, а влијанието, ефектот и факторот што Груевски некогаш го имаше сега виси на неколку конци, коишто ако не се скинат за бргу ќе се преплетат во чворови што самата партија не ќе може да ги одврзе, нешто слично како што Груевски му велеше на Миле Јанакиески во една од бомбите: „Да не се заплеткаме у мрежа од која што нема да може да се отплеткаме после“.
ДПМНЕ, иако, инсистира да оди на избори на 5 ти јуни, датум што сѐ уште виси во воздух поради неисполнување на основните услови за организирање на демократски и фер избори, треба да размислува долгорочно и наменски, дали ќе се обидува да ја отплеткува мрежата што Груевски ја сплете, ги втурна нив и ги заплетка или полека и безбедно да излегува од неа, оставајќи го Груевски врзан во сопствените чворови од сопствените конци. Затоа што ќе дојде тоа време кога ќе биде пресудно за таа одлука, а тоа време ќе биде пресудно и за партијата. Дали ДПМНЕ ќе се реформира и ќе продолжи да биде политички фактор во Македонија или ќе остане заплеткана во мрежата, таму некаде во ќошот од темницата, во ладната соба изолирана од каква било светлина и напуштена поддршка од некогаш своите најголеми поддржувачи.