Заразените од Ковид-19 не сакаат да гласаат, се пријавиле само 19, а рокот истекува утре

by fokus

Заклучно со денес, само 19 граѓани кои се заразени со корона вирусот или се во изолација, се пријавиле дека сакаат да гласаат на претстојните парламентарните избори, информираат од ДИК за “Фокус”.

Овие граѓани кои се наоѓаат во домашен карантин заради позитивен тест на Ковид-19 или им е одредена изолација имаат рок до утре да се пријават за гласање, кое, согласно протоколите за заштита од корона вирусот, ќе се спроведе на 13 јули.

Според последните податоци во земјава има 3.569 активно заболени, а вкупно 5.000 лица имаат решенија за самоизолација од Државниот здравствен инспекторат.

Овие граѓани своето избирачко право ќе можат да го искористат на 13-јули, понеделник, од дома. Ќе бидат посетени од посебни избирачки одбори, составени од по тројца здравствени работници и претставници на партиите.

На 14-ти јули ќе гласаат болните и изнемоштените лица како и затворениците и притворениците. Од оваа група на граѓани, за гласање се пријавиле 1.129.

На 15-ти јули, среда, ќе гласаат сите останати гласачи од избирачкиот список. За нив гласањето ќе започне во 7 часот, а ќе заврши во 21 часот.

Валентина Вурмо

Поврзани новости