Македонско – бугарскиот јазичен спор не е спор, туку апсурд, реагираат од МАНУ

by Fokus

Да се дадат вистински аргументирани и научни одговори за континуитетот и еволуцијата на македонскиот јазик и за неговото место во меѓународната славистика и лингвистика е целта на четири капитални изданија за македонскиот јазик, кои денеска беа промовирани на платото пред Македонската академија на науките и уметностите.

Станува збор за дела кои, на иницијатива на Македонската академија на науките и уметностите и со целосна поддршка и вклученост на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Советот за македонски јазик, излегоа од печат деновиве: „Македонскиот јазик – континуитет во простор и време“, колективна монографија во којашто е даден синтетски преглед на историскиот развој на македонскиот јазик од IX век па сè до неговата кодификација; „Погледи за македонскиот јазик“, меѓународен зборник на трудови во којшто над 40 странски и македонски лингвисти имаат свои прилози за различни аспекти на македонскиот јазик; „Македонска хрестоматија“, избор на позначајни македонски текстови од IX до XX век; и „Лингвистички атлас на македонските дијалекти“, кој дава продлабочен увид во лексичкото богатство на македонските дијалекти.

Претседателот на МАНУ академик Љупчо Коцарев истакна дека овие изданија и светската лингивистичка наука  потврдуваат дека тн. македонско – бугарски јазичен спор, всушност не е спор, туку апсурд.

„Зарем е можно  во 21 век да се оспоруваат основни  човекови права. При прогласувањето на македонскиот јазик за вештачки  Бугарската академија на науки (БАН) се потпира на две бесмислени тврдења, сличноста со бугарскиот јазик и политичкиот карактер на македонскиот јазик“, вели Коцарев.

 

Поврзани новости