Заразени апсолвенти, можно ли е да се појави кластер таблоа

by Fokus

Во последните некоку денови бројот на заразени од Ковид 19 повторно почна да расте, а според изјавата на актуелниот министер за здравство Венко Филипче, дури 70 отсто од новозаболените се од британскиот сој.

Според последниот дневен извештај од министерството за здравство објавен вчера, бројката на заразени пациенти се искачи на 709, што значи, како што тврдат дел од лекарите дека е можен и нов трет бран на заразени од Ковид 19.

Сепак, карактеристично за последниот период е и тоа што е време на фототграфирање на апсолвенти и матуранти за таблоа низ целата држава, а „Фокус“ веќе знае за неколку случаи на деца кои се заразиле во тој период додека траело фотографирањето.

„Во едно фото студио поминуваат еден куп апсолвенти за сликање и тоа од речиси сите факултети. Едни излегуваат, други влегуваат. Тие што ги сликаат се со маски, но децата внатре нормално дека се фотографираат без маски. Од секое дете има по 30 фотографии, па заедничка со некои од колегите. Фотографирањето е внатре во студиото, сите носат исти капи и наметки. Не ми е јасно дали има протоколи за тоа, ама вака ќе создадат некој нов кластер – вели загрижена мајка на апсолвент за „Фокус“, кој веќе се заразил од вирусот, а сега и негова колешка е позитивна.

Таа уште додава дека фотографирањето мора да се одвива на отворен простор, со оглед на тоа што станува збор за многу апсолвенти.

„Не ми е јасно дали воопшто има некакви протоколи за тоа, ама знам дека може да има многу заболени. Не може децата во време на таква страшна пандемија да се сликаат внатре и сите еден по еден. Значи, мора да постојат протоколи за тоа – додава мајката.

Контактиравме и некои од студијата каде што се фотографираат апсолвентите, но никој од таму не сакаше да ни објасни што прават тие да ги заштитат студентите додека трае целата фотосесија, освен дека ги почитуваат сите владини протоколи.

„Фокус“ се обрати и до министерството за здравство дали имаат некакви протоколи за фотографирање на матуранти и апсолвенти, со оглед на тоа што се појавиле повеќе случаи на заразени. Ви го пренесуваме краткиот одговор од ресорното министерство:

„Комисијата за заразни болести ја следи епидемиолошката состојба со коронавирусот во земјава и во регионот. Сите предлози за промена во протоколите ги спроведува врз основа на стручни мислења со цел зачувување на колективното здравје на граѓаните. Засега, нема нови протоколи или препораки од Комисијата за заразни болести. Во случај на понатамошни измени јавноста ќе биде навремено информирана – се наведува во нивниот одговор.

И.М.

Поврзани новости