Започна состанокот на групата за проценка на безбедносната состојба

by Fokus 14:25
14:25

Претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов, со особено внимание ги следи настаните и развојот на состојбите во пријателска Република Турција. Македонскиот претседател е во постојан контакт со сите безбедносни институции во Македонија, со Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана, Министерството за надворешни работи и со Армијата на Република Македонија, известија од кабинетот на Иванов.

„Претседателот и раководителот на кризниот менаџмент постојано се информирани од субјектите кои се задолжени да се справат и да ги превенираат заканите и ризиците. Кризниот менаџмент на Република Македонија ги следи состојбите во сите држави од регионот кои се соочуваат со безбедносни закани и мигрантската и бегалска криза. По добивањето на податоците за намерите на вршење на воен пуч во Република Турција, Армијата на Република Македонија презема низа мерки и активности за заштита на државната граница“,  се вели во известувањето за јавноста.

Од кабинетот на Иванов истакнуваат дека во моментов се одржува состанок на групата за проценка за анализа на безбедносната состојба.

„РМ ja поддржува демократски избраната влада на Република Турција. Република Турција како земја членка на НАТО и како исклучително значајна држава во соочувањето со глобалните предизвици e голем пријател и стратешки партнер на Република Македонија. Претседателот Иванов го поддржува нормализирањето на состојбите во Република Турцијa и повикува на почитување на демократските институции и избегнување на секаков вид на насилство и крвопролевање“, стои во соопштението.

Поврзани новости