Започна пријавувањето за јубилејниот Скопски маратон: Трката има ограничен број на учесници!

by Fokus

На шести октомври 2024 година, со старт од 08:00 часот, ќе се одржи 20-то јубилејно издание на најпознатата и најмасовна атлетска манифестација во Македонија, Виз Ер Скопски Маратон. Пријавувањето започна вчера, во 9.00 часот и ќе трае до 20.09.2024 до 23:59 часот. Право на учество имаат сите државјани на Република Македонија и странски државјани.

Учесниците на маратон и полумаратон на стартот ќе бидат распоредени во четири стартни боксови според таргет времето кое ќе го одберат при процесот на пријавување, додека учесниците во штафетниот маратон и трката на 5км ќе бидат распоредени во стартни зони кои ќе бидат означени во зоната на старт со името на трката.

Исто така, учесниците ќе можат да се пријават на маратонот, полумаратонот, штафетниот маратон – ЕУ за спорт и трката на пет километри.

Трката има сертификат од Асоцијацијата за улични трки (AIMS) и се одвива според правила на Светска Атлетика (WA), и АФСМ.

Организатор на Виз Ер Скопски Маратон е Сојузот на спортови на Скопје, во соработка со АК „Работнички“и АК „Скопски Маратон“, додека покровители на трката се Град Скопје, Делегација на Европската Унија и Агенцијата за млади и спорт.

Секој учесник што ќе стартува на Виз Ер Скопски Маратон ќе добие вредносен ваучер од 20 евра од насловниот спонзор на трката, Виз Ер. Ваучерите ќе бидат испратени во период од 10-ти до 20-ти октомври 2024 на е – пошта адресите кои учесниците ќе ги остават при процесот на пријавување.

Во стартниот пакет за сите трки е вклучена и маица, но ја добиваат само оние кои ќе се регистрираат до 29-ти август 2024.

Трката има ограничен број на учесници и пријавувањето може да се затвори, доколку се пополни предвидениот број на бројот на учесници, затоа од организацијата им порачуваат на заинтересираните да побрзаат со пријавите.

Вики Клинчарова

Поврзани новости