Абазовиќ: Да бев премиер, Црна Гора немаше да гласа против Косово во Советот на Европа

by Fokus

Да бев се уште премиер на Црна Гора, официјална Подгорица немаше да гласа против членството на Косово во Советот на Европа, изјави поранешниот премиер на Црна Гора Дритан Абазовиќ.

Гласањето на црногорските пратеници во Комитетот за политика и демократија на Парламентарното собрание на Советот на Европа против Косово ја одразува новата реалност на мнозинството во таа земја, додаде тој.

– За време на мојот мандат целосно го поддржавме Косово, но ова е нова реалност. Тоа се случува затоа што мнозинството е создадено од партии кои не ја делат истата визија, програми и вредности. Тие мислат дека може да работи, јас го велам спротивното – изјави Абазовиќ.

Запрашан за немањето конкретни резултати во дијалогот меѓу Србија и Косово, Абазовиќ апелираше двете страни да бидат конкретни.

– Изгубивме 20 години, не можеме да чекаме уште 20. Го поддржувам изнаоѓањето конечен договор меѓу Србија и Косово и ги повикувам двете страни, владите, лидерите да седнат заедно и да најдат решение за иднината на оние луѓе кои својот живот го гледаат во регионот – заклучи поранешниот црногорски премиер.

Поврзани новости