Со симболично чистење кај селото Царев Двор, денеска започна кампањата „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, насочена кон подобрување на управувањето со отпадот во околината на Преспа.
Кампањата ја спроведуваат Институтот за комуникациски студии, Еко герила Преспа и Македонското еколошко друштво, има за цел да ја зголеми еколошката свест и да поттикне одговорно однесување кај граѓаните.
„Влегуваме во чистење на 30 вакви локации, но и на подигање на јавната свест за селектирање на отпад, компостирање и сл. Да ги замолам граѓаните да престанат да фрлаат ѓубре, депонијата бесплатно може да ја користат”, изјави градоначалникот на Ресен Јован Тозиевски.
Во акцијата се вклучија волонтери и комуналното претпријатие „Пролетер“, кое најави подобрување на услугите со нова опрема добиена преку проект на ЕУ. Кампањата ќе вклучува теренски активности, едукативни настани и медиумска промоција, со цел долгорочно справување со отпадот во регионот.