Бугарија станува 21. членка на еврозоната на 1 јануари 2026

Бугарија станува 21. членка на еврозоната на 1 јануари 2026

by Fokus

Бугарија и официјално ќе стане 21. членка на еврозоната на 1 јануари 2026 година, откако денеска доби зелено светло од Европската комисија и Европската централна банка.

„Ова е историски момент за Бугарија, еврозоната и Европската Унија. Еврото ќе донесе опипливи придобивки за бугарските граѓани и бизниси: стабилни цени, пониски трансакциски трошоци, заштитени заштеди, повеќе инвестиции и зголемена трговија. Се разбира, еврото е повеќе од валута“, изјави еврокомесарот за економија Валдис Домбровскис.

Бугарија, членка на ЕУ од 2007 година, одамна ја изрази својата посветеност кон приклучување кон еврозоната. Левот е врзан за еврото уште од 1999 година преку валутниот борд. Денешната одлука се очекува да поттикне зголемени странски инвестиции и туристички прилив во најсиромашната земја членка на ЕУ, како и да ја олесни трговијата.

Сепак, процесот не поминува без скептицизам. И покрај економските очекувања, јавноста во Бугарија е длабоко поделена околу воведувањето на еврото. Анкета на Европската комисија спроведена минатиот месец покажа дека 50% од Бугарите се против заедничката валута, во споредба со 46% кои беа против во ноември минатата година.

Граѓаните изразуваат загриженост од можен скок на цените за време на транзицијата – искуство кое веќе го имаа неколку други земји при воведувањето на еврото. Распространетата корупција, изразената нееднаквост во приходите и политичката нестабилност со повеќе предвремени избори и слаби коалиции дополнително ја разнишаа довербата во институциите.

Министерката за финансии Теменужка Петкова минатата недела изјави дека воведувањето на еврото ќе донесе стабилност и нови инвестиции. Таа најави дека Владата започнува информативна кампања со цел да ги разубеди загрижените граѓани.

Според официјалните податоци, просечната месечна плата во Бугарија изнесува 2.443 лева (околу 1.420 евра), што ја прави најсиромашната членка на ЕУ. Населението во руралните подрачја е особено тешко погодено од растечките животни трошоци.

Поврзани новости