Царинските службеници на граничниот премин Табановце, на влез во државата, заплениле хашиш, амфетамин и MDMA и тетрахидроканабинол пронајдени кај германски државјанин кој патувал со својот сопружник, информираат од Царинската управа.
Оттаму посочија дека случајот бил документиран и со снимка од боди-камерите кои биле обезбедени како донација од Министерството за правда на САД.
„Во случајот, откако автомобилот бил селектиран за контрола, царинските службеници пронајдоа супстанца со зеленкаста боја спакувана во црна кесичка, жолта восочна супстанца спакувана во црни кутивчиња, дрога во форма на бомбони како и дробилки и вага за прецизно мерење. Извршен е и личен претрес на осомничениот, при што се пронајдени дополнителни количини на супстанци со зеленкаста боја, бела прашкаста материја, гел во бела боја и таблети со портокалова и кафена боја“, наведуваат од Царина.
Лицето било приведено од страна на инспектори од Одделението за истраги и преземени се предистражни дејствија, во чии рамки под налог на јавен обвинител, извршено било и вештачење на дрогата со кое е утврден нејзиниот состав.
„Против сторителот е поднесена кривична пријава до ОЈО Куманово за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. додаваат од Царинската управа.