Новинарка на РТВ Војводина денеска беше удрена од автомобил додека известуваше во програма во живо.
Гледачите во директниот пренос можеа да видат како автомобил што се паркирал ја удира новинарката додека таа известува од Стара Пазова, во чија близина утрово се урна воен авион. Изненадена од ударот, таа се обиде да се тргне настрана, а потоа продолжи со известувањето.
Видеото од инцидентот набрзо се прошири на социјалните мрежи, а се огласи и самата новинарка, која на мрежата Икс го користи името „Мокош“.
Таа откри дека и пред многу години имала необична случка за време на истата емисија и на истата телевизија, пренесува српскиот портал „Телеграф“.
„Пред многу години, истата емисија, истата телевизија, истиот начин на известување, само што тогаш, наместо автомобил да ме удри додека ја кажував временската прогноза, зад мене во кадарот куче повраќаше“, напиша новинарката.