Судот на ОН за прв пат прогласи држава одговорна за геноцид

by irena 21:47
21:47

Меѓународниот суд на правдата (МСП) во Хаг донесе историска пресуда со која Мјанмар е прогласен за одговорен за геноцид врз муслиманското малцинство Рохинџи. Одлуката доаѓа по седумгодишна правна битка и претставува прв случај во кој овој суд утврдил одговорност на држава за геноцид, објави британски „Гардијан“.

„Судот е целосно убеден дека Мјанмар извршил дела што спаѓаат во рамките на Конвенцијата за геноцид, со намера да уништи значителен дел од населението Рохинџи во Мјанмар“, изјави претседателот на судот, Јуџи Ивасава, при соопштувањето на пресудата.

Одлуката се однесува на воената кампања спроведена во 2016 и 2017 година, кога повеќе од 700.000 Рохинџи биле принудени да ги напуштат своите домови и да побараат засолниште во соседен Бангладеш.

Преживеаните сведочеле за масовни убиства, силувања, палење цели села и насилство врз жени и деца.

Одлуката на судот во Хаг се смета за значајна за идните постапки во кои држави се обвинети за прекршување на Конвенцијата за геноцид, вклучително и случајот што се води против Израел.

За разлика од другите меѓународни злосторства, за утврдување геноцид неопходно е да се докаже посебна намера за целосно или делумно уништување на национална, етничка, расна или верска група.

Токму докажувањето на оваа намера беше едно од клучните прашања во постапката против Мјанмар.

Тужбата против Мјанмар ја поднесе Гамбија, повикувајќи се на Конвенцијата за спречување и казнување на злосторството геноцид.

Во текот на постапката биле презентирани докази за насилството врз Рохинџите, вклучително и изјави што укажувале на геноцидна намера, систематски напади врз цивили и уништување населени места во државата Ракхин.

Во јануари судот одржал и затворени сослушувања на преживеани кои пристигнале од бегалските кампови во Бангладеш.

Повеќе од еден милион Рохинџи и понатаму живеат во Бангладеш, во една од најголемите бегалски населби во светот, додека се проценува дека помалку од 600.000 останале во Мјанмар.

Меѓу доказите што го привлекоа меѓународното внимание се и сведоштвата за масакрот во селото Тула Толи во 2017 година.

Преживеаните опишувале масовни егзекуции, убиства на деца и уништување домови. Сателитските снимки подоцна потврдиле дека селото било изгорено.

За време на судската постапка, претставниците на Гамбија нагласиле дека случајот не се однесува само на правни принципи, туку на страдањето на илјадници луѓе.

„Станува збор за вистински луѓе, вистински приказни и вистинска група човечки суштества. Рохинџа народот од Мјанмар беше цел на уништување“, изјави министерот за правда на Гамбија, Дауда Џалоу.

Посебно внимание во постапката било посветено на сексуалното насилство, кое, според истражителите, било користено систематски против жените Рохинџи.

Правните експерти оценуваат дека пресудата може да има големо значење за начинот на кој во иднина ќе се разгледува сексуалното насилство како доказ за геноцидна намера.

Слични вести