Запленетиот кокаин во Крушопек, дел од 1,3 тони по потекло од Колумбија наменет за Копер, Словенија

by Fokus

За полициската акција што синоќа се одвиваше во село Крушопек, во скопски Сарај, при што беше запленет еден килограм од вкупно 1,3 тони кокаин контролирана пратка, во магацин за овошје – банани, се очекуваат деталните информации на највената прес-конференција во 12:30 во МВР, а подоцна и од страна на ОЈО.

Во меѓувреме, медиумите во земјава, но и во регионот – Албанија, Србија, Словенија, објавуваат дека дрогата по потекло од Колумбија е запленета во магацин за овошје – банани во селото Крушопек, во скопски Сарај, каде биле донесени со три камиони.

По насока на јавен обвинител и по наредба од судија на претходна постапка, приведени се возачите на камионите и сопственикот на магацинот, а се трага и по други лица.

Увозник на бананите во нашата држава е компанијата „Ванекс“ од Крушопек. Пратката од 124 тони банани била натоварени на мексиканското пристаниште Веракруз, за што биле платени 40.460 американски долари.

Во операцијата, започната пред три месеци, според извори од МВР, освен македонската се вклучени и италијанската и црногорската полиција, како и американската ДЕА.

Како што објавија медиуми во Албанија и Србија, станува збор шверцерски канал преку кој требало 1,3 тони кокаин да се префрлат прво во Словенија, па понатаму во европските земји.

Рутата по која се шверцувал кокаинот, по потекло од Колумбија, била Црна Гора – Албанија, преку граничниот премин Ќафасан.

Камионот со кокаин во Скадар беше пречекан со „почести” и бил испратен до Поградец, објави на својот профил на Фејсбук познатиот новинар од Албанија, Артан Хоџа.

– Камионот со 1,3 тони кокаин со „почести” беше пречекан од царината на Хани и Хотит во Скадар и беше испратена со „почит” до царината во Ќафасан – Поградец, за потоа да бидат уапсени двајца возачи и еден магационер во едно село во Северна Македонија, пишува новинарот Хоџа, коментирајќи ја најновата акција на македонската полиција во село Крушопек.

Дополнително тој како дилема го поставува прашањето дали оваа акција наликува на онаа со контејнерот кога во Маминас, близу Драч, во март 2018 година, беа заплените 613 килограми кокаин и кога беа уапсени двајца возачи и еден работник во магацин за банани.

Најмалку тројца приведени досега од полициската акција во Крушопек, Сарај, за заплена на 1,3 тони кокаин, објави новинарката на албанскиот „Топ ченел“, Анила Хоџа, која ексклузивно обезбеди фотографија од камионот со кој се превезувале банани, а влегол во Црна Гора, за потоа да премине преку царинската испостава Ќафасан за Македонија.

Во оваа добро организирана акција, објави „Топ ченел“, италијанската и албанската полиција биле информирани за товарот, а  во полициската акција во Крушопек, учествувала и албанската управа против организираниот криминал.

– Првите информации велат дека кокаинот првично дошол од САД во Бар (Црна Гора), а требало да пристигне во Копер (Словенија). Од засега непознати причини, дестинацијата е сменета и кокаинот завршил во Крушопек. „Топ Чанел“ дознава дека кога влегол во Албанија, полицијата набљудувала, доколку кокаинот би се растоварил во Албанија. Камионот бил со македонски регистарски таблички, додека во Албанија не запрел, објави овој медиум.

Информацијата за полициската акција синоќа ја потврди и министерот за внатрешни работи Наќе Чулев кој на Фејсбук објави дека „МВР во овој момент презема широк спектар на оперативни мерки и активности“.

-По насоки на јавен обвинител и по наредба на судија на претходна постапка се вршат претреси на подрачјето на село Крушопек во близина на Скопје поради недозволена трговија со дрога. Целиот капацитет на Министерството за внатрешни работи е ставен во заштита на граѓаните и безбедноста на државата, напиша Чулев и повеќе информации најави за денеска.

Поврзани новости