Непознат сторител во текот на ноќта со пурпена ги запечатил вратите на автомобилот на доскорешната претседателка на Советот на Град Скопје Љубица Јанчева од редовите на СДСМ.
За инцидентот Јанчева која живее во скопската населба Аеродром објави на својот Фејсбук профил и му се обрати на актуелниот градоначалник на општина Аеродром од ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски:
-Вака ли мои сограѓани во Европа🤔 Со заплашување?
Почнавте со чкртање…утрово ова?
Ваквиот чин е одраз на немоќ, градоначалнику Тимчо Муцунски безбедноста на граѓаните од другата опција е загрозена, напиша Јанчева.
Случајот бил пријавен и во полиција.
-На 10.11.2021 во 07.16 часот Д.Ј. пријави дека во периодот од 23.00 часот на 09.11., до 07.00 часот на 10.11.2021 на паркинг на бул.„Јане Сандански“ со пурпена му било оштетено патничко возило „шкода фабија“, со скопски регистарски ознаки. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, велат од МВР за „Фокус“.
Јанчева и сега е советничка од редовите на СДСМ и во овој советнички состав во Град Скопје.