Мемети од ИЈЗ: Се уште не е докажан делта плус сојот во Македонија, но почнуваме со правење брисеви

by Fokus

Досега во Македонија нема потврдено случаи на делта плус сојот, но веќе е почнато да се прават брисеви за да се потврди дали има носители на новиот вирус, истакна во изјава за „Фокус“, директорот на Институтот за јавно здравје, Шабан Мемети.

„Во моментот се уште нема докажани случаи, но веќе почнавме со правење брисеви во МАНУ и Институтот за јавно здравје, па да видиме што ќе се случува“, тврди актуелниот директор.

Тој додава, дека од 1 септември до 31 октомври, со селекција од 429 брисеви по епидемиолошки индикации се обработени ПЦР метода за варијанта, од нив 286 се позитивни на делта вирусот.

Дел од епидемиолозите тврдат, дека се очекува во наредниот период да се појави новиот вирус, а тоа го докажуваат и бројките, кои повторно почнаа алармантно да се зголемуваат. Според нив, овој вид на сој се смета за уште поагресивен од сите досегашни, а тоа што е уште пострашно, што се повеќе на удар се младите.

Според директорот на ИЈЗ, младите во моментот се најмногу на удар бидејќи воопшто не ги почитуваат мерките.

Сепак, делта-плус напаѓа побрзо и симптомите кои може да ги предизвика се или слични или поинтензивни од основниот делта сој. Така, првичните симптоми кои засега се забележани се сувост на очите,чешање, отежнато дишење, треска и висока температура, силна кашлица, дигестивни проблеми, како и губење апетит. Овој сој и понатаму е предмет на истражување, по што би се знаеле и повеќе информации околу симптомите.  Она што треба да се нагласи е дека невакцинираните луѓе се изложени на поголем ризик да се заразат со овие соеви.

Заклучно со вчерашниот ден, само во рок од 24 часа беа регистрирани 677 заразени од Ковид 19, додека регистрирани се 13 починати.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 206.910, бројот на оздравени пациенти е 191.649, на починати е 7.255, а бројот на активни случаи изнесува 8.006.

Ирена МУЛАЧКА

 

Поврзани новости