Ѕанакопулос: Оптимист сум дека Заев ќе го направи решителниот чекор

by fokus

Оптимизам дека македонскиот премиер ќе го направи „решителниот чекор“ и ќе се постигне договор, изразува портпаролот на грчката влада и министер без ресор, Димитрис Ѕанакопулос во интервју за грчкиот весник „Неа селида“.

– Преговорите, но и политичката одлука за решавање на спорот со името не се лесни. Господинот Заев треба да размисли за сите аспекти и да преземе голема одговорност кон неговите сонародници, нешто за што сум сигурен дека ќе го стори. Ако некои во политичкото раководство на ПЈРМ сакаат да ја поткопаат можноста за изнаоѓање решение, не е нешто што би можел да го знам. Но, оптимист сум дека на крај господинот Заев ќе го направи решителниот чекор и ќе стигнеме до договор, вели Ѕанакоппулос и додава дека и Заев и Ципрас знаат дека решението е „неопходен предуслов за иднина на солидарност и соработка на Балканот“.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, портпаролот на грчката влада и министер без ресор, во интервјуто, не сакаше да открие дали договорот би се ратификувал во грчкиот парламент пред или по уставните промени кај нас, но рече дека ќе постојат мерки за исполнување на сите обврски.

– Доколку постои договор, нешто што го посакувам, тогаш договорот ќе ги предвидува и неопходните чекори за ратификација од двете страни. Но, во овој момент, во клучната точка за завршување на преговорите, не сакам да одам во повеќе детали. Можам само да ви кажам дека министерот за надворешни работи и премиерот ги имаат обезбедено сите потребни мерки за да се задржат сите обврски што треба да ги преземат нашите соседи, рече Ѕанакопулос, додека пак на прашањето каков став ќе заземе Атина на самитите на НАТО и ЕУ, дали ќе даде зелено светло за наша интеграција, тој вели дека „сѐ ќе зависи од тоа дали ќе постои договор или не“.

 

Поврзани новости