Замрзнува изградбата на барокните објекти додека Владата не одлучи што да прави со нив

by fokus

Ќе запре изградбата на неколку објекти кои се градат во центарот на Скопје, а кои ги отпочна претходната власт, се додека новата Влада не одлучи што ќе прави со нив. Овој мораториум врз градежните активности кои се дел од „Скопје 2014“ доаѓа по ребаланс на буџетот со кој од градежните проекти, предвидени преку повеќе Министерства, се скратија околу 13 милиони евра.

Замрзнувањето ќе ги опфати и барокните фасади во централното градско подрачје. За серијата рефасадирања на станбените објекти биле предвидени 4,8 милиони евра повеќе годинава, средства што со ребалансот беа пренаменети за други цели.

Ќе биде стопирана изградбата на Факултетот за драмски уметности како и палатата „Емануел Чучков“, објектот на крстосницата од некогашна улица Бихачка, каде треба да бидат сместени Геодетскиот завод и Државниот завод за ревизија. Ова барокно здание до сега ја чини државата 7,8 милиони евра. Го осмисли и проектираше Жарко Чаушевски, а неговата фасада е накитена со столбови и скулптури. И двете згради се во финална фаза, поради што од двата проекта се скратени вкупно 4,8 милиони евра.

Ни денар повеќе годинава нема да добијат ФИНКИ и Факултетот за физичко образование. Овие две згради се издигнаа на зелената површина на влезот од УКИМ, откако претходно беше искасапен паркот со повеќедецениски дрвја. Првиот објект треба да го чини државниот буџет 13 милиони евра, а вториот седум милиони евра. Ребалансот скрати 1,2 милиони евра, предвидени за нивна доизградба.

М.В.

Поврзани новости