Се прават анализи како да се заштедат 1,9 милиони евра од споменикот на „Мајка Тереза“

by fokus 18:28
18:28

Споменикот на „Мајка Тереза“, кој се гради на плоштад, веднаш до хотел Мериот, е во финална фаза, но Министерството за култура прави анализи како овој проект да се реализира без да се издвојат дополнителни средства од буџетот.

До сега за оваа скулптурална композиција се потрошени околу 3,6 милиони евра. Предвидените 1,9 милиони евра со овогодишниот буџет се пренаменети за други цели. Како и останатите објекти од „Скопје 2014“, така и изградбата на споменикот привремено ќе биде стопирана додека Министерството не најде начин како да се намалат трошоците.

-Тој објект е прескап, сакаме да видиме дали постојат можности тоа спомен обележје да се изведе поскромно и во неговиот габарит и во трошоците за изградба – вели портпаролот на Министерство за култура, Петрит Сарачини.

Работна група формирана во Министерството треба да направи анализа за можните опции композицијата да се изведе на тој начин што нема да предизвика дополнителни трошоци од буџетот, а при тоа да не се направи поголема штета на јавниот простор. Сарачини додава дека изградбата е во финална фаза, но дека има придружни елементи и партнерно уредување кои се предвидени со проектот.

-Поради кондицијата на буџетот, кој е речиси испразнет, направивме ребаланс – онаму каде тоа го дозволува динамиката, обврските се префрлени за идната година, онаму каде не го дозволува тоа, се оставени според предвиденото. Може да има промени во спомен обележјето, нашите размислувања се во таа насока, затоа што е грандиозен и претенциозен за жена која е симбол на скромноста – вели Сарачини.

Споменикот првично требаше да се изгради со донација од фирмата на индииецот Субрата Рој, но го презеде Владата на Груевски откако бизнисменот беше уапсен во својата земја. Според проектот спомен обележјето ќе биде високо 32 матри и составено од скалеста фонтана со карпи од травертин. Во центарот ќе се најде скулптура на Мајка Тереза со придружни скулптури на болно дете и родители, чесна сестра со инвалид, чесна сестра со болен што седи и чесна сестра со болен што лежи. Врз нив ќе има скулптури од осум ангели.

Поврзани новости